
Ситуацијата во Украина од вчера повторно се вжештува откако проруски активисти ги зазедоа владините згради во Донецк и Харков, двата најголеми украински градови во источниот дел на земјата.

Во Донецк, град со милион жители, демонстрантите бараа организирање референдум за спојување со Русија, јавува „Франс прес“. Заземањето на зградата било извршено без насилство. Силите на редот по кратко спротивставување се повлекле.


Во Харков, пак, град со 1,4 милион жители, демонстрантите вчера попладне ја зазеле зградата на локалната самоуправа. Во двата случаи демонстрантите ги симнале украинските знамиња и ги замениле со руски. Поставиле и транспаренти со натпис „Република Донецк“ на фасадата на зградата на локална самоуправа.

Според агенцијата „Интерфакс“, руски знамиња биле забележани и на зградите на локалните власти во градот Луханск, кој, исто така, се наоѓа во близина на руската граница.

Поради настаните во Донецк, Луханск и Харков, привремениот претседател на Украина, Олександр Турчинов, ја прекинал посетата на Литванија и повикал итен состанок на Советот за безбедност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


