| четврток, 6 декември 2018 |

Во пожар во куќа во Штип полесно повредена жена

Во штипската ромска населба Радански пат доцна попладнево изгоре спрат од куќа. Сопственичката која била внатре кога избувнал пожарот е со лесни телесни повреди.

Според соседите, несреќата се случила многу брзо, а поради неасфалтираниот пат до куќата, пожарникарите не можеле да пристигнат.

– Затоа најбрзо што можевме ги употребивме резервите од противпожарните црева ставајќи во функција две линии од по 300 метри должина. Повеќе од 40 минути го гасневме огнот и успеавме да го ставиме под контрола, изјави командирот на Противпожарната единица Кире Патраклиев.

Во гаснењето на пожарот учествувале 15 пожарникари. Противпожарната единица од, и за неа нејасни причини, имала проблеми и со дежурниот број 193. Не работел, поради што повикот за пожар го добиле на мобилен телефон.

– Граѓаните на општините Штип и Карбинци во следните 24 часа доколку имаат каков било проблем итно да ни се јават на 078 474-102, апелира Патраклиев.

Во текот на попладнето истражните органи извршиле увид на лице место за да се утврдат причините за пожарот во Радански пат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top