| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска Унгарија избира премиер

Ukrainian_500

Во Унгарија денеска се одржуваат парламентарни избори, а според анкетите објавени в петок, премиерот Виктор Орбан е со најголеми изгледи да освои уште еден мандат.

Според оваа анкета, партијата на Орбан Фидес ужива доверба од 36 проценти од гласачите, додека партијата Јобик има поддршка од 15 проценти од анкетираните. Левичарската алијанса на чело со социјалистите има поддршка од 18 проценти од гласачите, пренесува Танјуг.

Гласањето се одвива според нов изборен закон, а парламентарните места се намалени од 386 на 199, потсетува ДПА.

За првпат право на глас ќе имаат 200.000 етнички Унгарци, кои живеат во соседните земји на Унгарија.

Партиите ќе треба да се обидат да го достигнат изборниот праг од пет проценти за да влезат во Парламентот.

Десноцентристичката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан е сигурна дека ќе освои доволно пратенички места за формирање влада, единствено останува прашањето дали партијата ќе го задржи двотретинското мнозинство, што ѝ овозможува да го менува Уставот.

Според критичарите, Орбан својот мандат и мнозинската доверба на граѓаните ги искористи за ограничување на демократските системи на контрола и рамнотежа, како и слободата на медиумите.

Крајнодесничарската партија Јобик се претставува како единствен избор за Унгарците, кои се разочарани од сите посткомунистички влади во земјата, како десничарски така и левичарски.

Партијатa се залага за отворање нови работни места, пресметка со криминалците, нови преговори за државниот долг и референдум за членство во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top