| четврток, 6 декември 2018 |

Здрвен дедо, штафета, ластик – се одржаа првите „Игри без граници“

Вчерашниот ден ќе остане во долго паметење на сите деца што беа дел од првите „Игри без граници“, одржани во Спортскиот центар „Форца“. Детскиот џагор, насмевките и радоста на децата по победа во некоја од игрите, беа најзастапените елементи кои никого не оставија рамнодушен. Од трибините се навиваше, а на теренот се забавуваше – вистински начин да се слави спортувањето, посебно рекреативното спортување наменето за најмладите, за кои е навистина многу значајно при нивното здраво растење и развивање.

IMG_2047

Саботните игри беа првите игри од циклусот „Игри без граници”, кои Спортскиот центар „Форца“ ги има испланирано за најмладите. На истите свое учество зедоа шест основни училишта од Општина Карпош, кои учествуваа со по 20 ученици. Како предизвик за нив и нивните вештини, учениците се натпреваруваа во шест дисциплини: балансирање со топка, здрвен дедо, протнување низ ластик, игра со топчиња, штафета со топка и игра на прецизност.

IMG_1740

– Со задоволство можеме да кажеме дека првите игри од циклусот „Игри без граници“ поминаа одлично. Тоа што е најбитно е дека децата се забавуваа спортувајќи, нешто што е многу значи за сите нас кои сме дел од тимот на СЦ „Форца“. И понатаму ќе продолжиме со огранизација на настани кои ќе ги поттикнуваат децата да спортуваат, забавуваат и да го развиваат компетитивниот дух. Концептот на СЦ „Форца“ е да помогнеме и да влијаеме на изградбата на здраво општество, на создавање луѓе со здрави животни навики, а што е поважно од креирање на такви навики најпрво кај најмладите – изјави Дејан Месов, претставник од СЦ „Форца“ и одговорен за проектот „Игри без граници“.

IMG_1647

Покрај забавата на учениците за времетраењето на игрите, на трибините имаше вистинска навивачка атмосфера. Голем број родители, роднини, соученици, громогласно ги бодреа натпреварувачите, па со тоа амбиентот на вистински спортски натпревар беше комплетен. Конечно, севкупни победници на првиот циклус „Игри без граници” се учениците од ОУ „Димо Хаџи Димов“, кои имаа убедливо најмногу поени. Дополнително, вреди да се нагласи дека и навивачите од ОУ „Димо Хаџи Димов“ беа најгласни на трибините, со што им дадоа најсилна поддршка на своите соученици.

IMG_1563

Проектот е дел од концептот на СЦ „Форца“, кој предвидува промоција на рекреативното спортување како незаменлив дел од текот на денот на возрасните, но и секојдневна активност која децата треба да ја применуваат со цел градење здрави навики. СЦ „Форца“ од своето основање континуирано работи на промовирање на спортот преку различни интересни проекти со што го докажува својот општество одговорен карактер, како и желбата да се возврати на општеството во кое дејствува и работи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top