Динамичниот начин на живот честопати негативно влијае на нашето здравје, пред сѐ поради неможноста да се грижиме за себе на правилен начин и да најдеме време за спортување во текот на денот. Истото важи и за децата, за кои е неопходно да се рекреираат за да го продолжат својот здрав раст и развој. Токму затоа, Спортскиот центар „Форца“ го најавува проектот „Игри без граници“, како можност децата да се рекреираат, спортуваат но и да го развиваат компетитивниот дух преку игрите кои центарот ги подготвува за нив.
Проектот „Игри без граници“ е наменет за учениците од основните училишта на територија на Општина Карпош кои ќе имаат можност да се натпреваруваат во различни спортски дисциплини како: штафета со топка, собирање топчиња, балансирање топка, здрвен дедо, прецизност во обрач, пресоблекување ластик, како и влечење јаже. Натпреварувањето е наменето за тимови од 20 деца, со дополнителен акцент на тимското спортување како можност децата да се дружат преку спортот и спортските дисциплини, кои за нив ги овозможи СЦ „Форца“.
– Ни претставува огромно задоволство како спортски центар, активно да се вклучиме во развојот на најмладите. СЦ „Форца“ има за цел да го промовира спортот како алатка која е неопходна, со цел да се одржува здравото тело и здравиот дух. Преку овој проект сакаме да им овозможиме на учениците од основните училишта да се натпреваруваат меѓусебе, но и да им порачаме дека дневната доза спортување и физичка активност не треба да ја менуваат со нитуедна друга активност – изјави Дејан Месов, претставник од СЦ „Форца“ и одговорен за проектот „Игри без граници“.
Проектот е дел од концептот на СЦ „Форца“, кој предвидува промоција на рекреативното спортување како незаменлив дел од текот на денот на возрасните, но и секојдневна активност која децата треба да ја применуваат со цел градење здрави навики. СЦ „Форца“ од своето основање континуирано работи на промовирање на спортот преку различни интересни проекти со што го докажува својот општество одговорен карактер, како и желбата да се возврати на општеството во кое делува и работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.