| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Ќе се отпишуваат долговите на најранливите категории

stavreski-radovis-500

Еднократен отпис на долговите за струја, парно, банки и радиодифузна такса на корисници на социјална помош, невработени и лица што имале семејна трагедија, најави денеска на прес-конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ставрески, како еден од 2.046 проекти предвидени во програмата на партијата.

Од септември треба да почне еднократниот отпис на долговите на граѓаните за струја, парно, банки и за радиодифузна такса, со цел да се помогне да се надминат последиците од економската криза.

– Иако Македонија подобро се соочи со кризата од многу посилни европски земји, последиците врз одделни фирми и граѓани не можеа целосно да се избегнат. Кај граѓаните тоа е најизразено преку неможност навремено да ги плаќаат достасаните обврски, што води кон голем број извршни и судски решенија – рече Ставрески.

Најави оптпишување на неплатени сметки за електрична енергија, кои се тужени и неплатени подолго од 12 месеци.

– За долговите што се достасани, а неплатени пократко од 12 месеци, ќе настојуваме ЕВН да одобри шест до осумгодишен репрограм. Долгови кон банките по основа на кредитни картички, минусни салда по тековни сметки и потрошувачки кредити, кои се достасани, а неплатени подолго од 12 месеци и не се обезбедени со движен или недвижен имот. Неплатени долгови за парно греење. Долгови по основ на радиодифузна такса – изјави Ставрески.

Корисници на правото на отпишување на долгови ќе бидат лица што се корисници на социјална помош, лица кои подолго од 12 месеци се евидентирани како невработени и кои активно бараат работа во евиденцијата на Агенцијата за вработување, лица кои поради семејна несреќа (смрт на еден од сопружниците или потешка болест или губење на работната способност) се доведени во состојба да не можат да ги отплатат долговите.

Долгот, како што истакна Ставрески, треба да настанал до 31 декември 2013 година за да не се злоупотребува оваа мерка во иднина, односно особено да се создаваат долгови. Доколку лицето што бара отпис на долгот е во брак и неговиот брачен другар треба да е невработен и ако има приходи по други основи како ренти, субвенции и слично кумулативниот годишен приход за претходната година да не е повисок од 105.600 денари. Уште еден услов е лицата да немаат во своја сопственост или во сопственост на сопружникот друг станбен објект за живеење, освен оној во кој живеат сами или со своето семејство.

– Отписот на обврските од страна на економските субјекти ќе се изврши на доброволна основа, преку одобрување на даночен кредит од страна на државата во висина на отпишаните обврски. Овој проект планирано е да се реализира до септември 2014 година 0 изјави Ставрески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top