| четврток, 6 декември 2018 |

Најголемата приватна колекција на Џон Ленон на аукција во „Сотби“

Во понудените дела на аукцијата се и ракописите од две книги од Ленон. „Во своите записи“ напишана пред 50 години и „Шпанец во творбите“, која беше бестселер во 1965 година. Колекцијата содржи 89 парчиња и меѓу нив се наоѓа и ракописот на сатиричниот водич за родниот град на Ленон, Ливерпул

John-Lenon-82-1

Најголемата приватна колекција на Џон Ленон, која содржи цртежи, песни и проза ќе биде понудена на аукција во познатата „Сотби“ во Њујорк, на 4 јуни, кога се одбележуваат 50 години од првиот сингл на „Битлси“ во САД и нивното гостување во шоуто на Ед Саливан.

Колекцијата се состои од оригинален материјал што го напишал Ленон. Во понудените дела на аукцијата се и ракописите од две книги од Ленон, „Во своите записи“ напишана пред 50 години и „Шпанец во творбите“, која беше бестселер во 1965 година. Колекцијата содржи 89 парчиња и меѓу нив се наоѓа и ракописот на сатиричниот водич за родниот град на Ленон, Ливерпул, кој аукционерите го проценија меѓу 12 и 15 илјади американски долари и оригиналниот ракопис на бесмислената поема „Дебелиот Баџи“, која се очекува да се продаде за 35 илјади американски долари.

John-Lenon-82-3

Сите предмети се дел од приватната колекција на лондонскиот издавач Том Машлер. Токму тој го поттикнувал Ленон и го охрабрувал во неговите книжевни обиди и тоа во време кога „Битлси“ беа револуционери во поп-музиката.

– Создавањето на овие извонредни книги, мојот однос со него во текот на пишувањето на книгите и потоа, ме натера да сфатам колку многу ми недостига – изјави Машлер, кој, инаку, е творец на престижната награда „Букер“.

Машлер (80) се присетува на денот на промоцијата на книгата „Во своите записи“.

– Бевме во неговиот апартман. Ми изгледаше малку нервозен. Кога го прашав како се чувстува, тој одговори: Малку сум нервозен, но единствено што ме плаши е тоа што би сакал книгата да биде коректно евалуирана. Јас ја сфатив многу сериозно. Мислам дека е уметничко дело. Но, е напишана од еден член на „Битлси“. И секој мисли дека ниту еден член на групата не може да напише уметничко дело – раскажува Машлер.

Осумдесетгодишниот Машлер на британската јавност ѝ ги откри сега веќе престижните писатели како Филип Рот, Габриел Гарсија Маркез, Салман Ружди, Ијан Мекијан. До 1964 година тој веќе имаше репутација на храбар и оригинален издавач.

– Не бев огромен обожавател на попот, но бев свесен што се случува околу мене – вели Машлер.

John-Lenon-82-2

Од аукциската куќа „Сотби“ најавија дека колекцијата, пред да биде дадена на аукција, прво ќе биде изложена. Личната колекција на Ленон е изложена во Лондон до 25 март, а потоа ќе биде преселена во Њујорк, од 28 мај до денот пред аукцијата, 4 јуни.

Ленон, еден од основачите на „Битлси“, беше убиен во Њујорк, во декември 1980 година, на 40-годишна возраст, три недели по објавувањето на неговиот последен албум „Двојна фантазија“, кој го направи во соработка со сопругата Јоко Оно.

Освен ракописите од книгите на Ленон, на аукцијата ќе бидат понудени и цртежи и ракописи.

Ленон не е многу познат како уметник, но тој, навистина, бил добар во цртањето.

– Тој беше многу мудар, еден вид комбинација од незрелост и од духовност. Поминувавме многу време заедно. Ленон, навистина, беше посебна личност – вели Машлер.

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 82. број на неделникот „Република“, 28.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top