Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска повторно ја повикаа Русија да придонесе за намалување на тензиите во Украина, најавувајќи дека во спротивно Москва ќе биде изложена на нови европски санкции.
– И покрај најавите на Москва за повлекување на руските војници распоредени на границата со Украина, ние не констатиравме фактичко намалување на тензиите од страна на Русија – изјави британскиот министер за надворешни работи, Вилијам Хејг по средбата со неговите
колеги во Атина.
Тој ја повика Европа да не го намалува притисокот, бидејќи ситуацијата може да стане опасна и затегната.
Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, пак, изјави дека е сосема јасно оти ЕУ очекува повеќе сигнали од Русија, кои ќе ја уверат дека тензијата се намалува.
Европските министри се повикуваат на информации на разузнавачките служби и на НАТО, според кои, не е констатирано никакво значително намалување на руските војници покрај украинската граница.
– Русија треба да покаже дека сериозно се обидува да ги намали тензиите – изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



