Турбините на ХЕЦ „Шпилје“ кај Дебар, во првото тромесечје од годинава, произвеле 25 милиони киловат-часови електрична енергија.
Оствареното производство претставува околу 10 отсто од вкупно планираното годишно производство, кое во согласност со енергетскиот биланс е проектирано на 282,5 милиони киловат-часови.
– Моментно просечниот доток е околу 40 метри кубни вода во секунда, а исполнетоста на дебарската акумулација е околу 50 проценти. Во неа има резерва на вода за производство на околу 20 милиони киловатчасови – велат надлежните.
Според познавачите, исполнетоста на акумулацијата е солидна, имајќи го предвид фактот што зад нас е една од најсушните зими во изминатите 20 години.
Поради исклучително поволната хидрологија на дебарското сливно подрачје, кое ги опфаќа реките Радика и Црн Дрим, лани во овој значаен електроенергетски објект беа произведени 395 милиони киловат-часови електрична енергија, што беше за 57 отсто повеќе од годишниот план.
Споредено со производството во 2012 година, беа произведени дури 156 милиони киловат-часови повеќе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



