Турската Дирекција за комуникации денеска донесе одлука за укинување на забраната за пристап до социјалната мрежа „Твитер“ откако вчера Уставниот суд на Турција побара нејзино укинување со оценка дека со неа се прекршува правото на изразување, oбјави „Кирилица“.
Турција на 21 март го блокира пристапот до „Твитер“ откако на социјалната мрежа беа објавени снимки на телефонски разговори меѓу премиерот Реџеп Тајип Ердоган и неговите соработници во врска со корупцискиот скандал што ја потресе земјата и во кој беа инволвирани лица блиски до Владата.
Претходно, денеска заменик-претседателот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), Мустафа Шентоп, изјави дека забраната за пристап до социјалната мрежа „Твитер“ може да биде укината само за тројца Турци.
Одлуката на Уставниот суд е донесена врз основа на поднесени индивидуални жалби поради забраната на „Твитер“, од заменик-претседателот на главната турска опозициска Републиканската народна партија (ЦХП), Сезгин Танрикулу, и од двајца универзитетски професори.
Според Шентоп, властите ќе можат да го деблокираат „Твитер“ само за тројцата граѓани кои поднеле барање до судот, а не за корисниците во целата земја.
Во Турција околу 15 милиони луѓе се активни на „Твитер“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


