| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Владата вложи пет милиони долари за осигурување од природни катастрофи

ставре 1

Со промоција на првиот уникатен производ за осигурување од земјотрес, во Македонија почна да функционира новиот систем за осигурување од природни катастрофи и временски непогоди, поддржана од компанијата „Европа Ре“.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески за време на денешната промоција по повод официјалното почнување на работата на „Европа Ре“ во Македонија, посочи дека анализите јасно покажуваат дека земјите од ЈИЕ се исклучително ранливи на поплави, суши и други појави предизвикани од климатски промени, како и на ризици од змејотреси, лизгање на земјиште и слични елементарни непогоди.

-За илустрација колкава е таа ранливост говори податокот на Светска Банка дека претпоставените економски штети кои може да ги претрпи Македонија и нејзината економија од евентуални слични елементарни непогоди, би можеле да достигнат и до 40 отсто од БДП на земјата, што е над 2 милјарди долари – истакна Ставрески.

Тој посочи дека само материјалните штети од земјотресот со кој што беше погодено Скопје во 1963 година изнесуваа над 10 отсто од БДП на тогашната СФРЈ.

За покривање на штети од временски непогоди секоја година од буџетот на Република Македонија се издвојуваат околу 90 милиони денари.

-Ние како Влада одлучивме да вложиме конкретни средства од 5 милиони американски долари, поволен заем од Светска банка, што ќе се искористи за креирање на еден нов систем на осигурување и реосигурување на имотот и бизнисите во Република Македонија. Средставта ги вложивме во специјализирана регионална компанија за осигурување и реосигурување на рзизиците од катастрофии „Европа Ре“ – рече Ставрески.

ставре 2

Владата на Република Македонија, додаде Ставрески, е еден од идејните творци на овој систем, а воедно и еден од основачите компанијата „Европа Ре“.

Главниот и извршен директор на „Европа Ре“, Хајнц Фоленвајдер истакна дека веднаш по лансирањето на првата полиса за осигурување од земјотреси, ќе следува иновативно осигурување во земјоделството, кое, како придобивка за македонските фармери, ќе и обезбеди долгорочна финансиска гаранција при евентуални загуби на нивниот род од некоја временска неприлика, како што се сушата, прекумерните врнежи, градот и други непогоди.

-„Европа Ре“ е тука во Македонија за да им понуди и помогне на граѓаните, на бизнис секторот, на земјоделците и на земјата на крајно ефикасен начин и за навистина пристапна цена да обезбедат долгорочна финансиска стабилност и гаранција за својот имот, својот бизнис и својата иднина од реалните ризици од природни непогоди, кои можат да се случат секаде – посочи Фоленвајдер, потенцирајќи дека основна задача на „Европа Ре“ е да им помогне на земјите од регионот во градењето и функционирањето на долгорочно одржлив систем за реосигурување од природни катастрофи.

Новите иновативни осигурителни производи, први од ваков вид во земјата, ќе се продаваат преку постојните локални осигурителни компании, кои ќе земат учество во „Европа Ре“ програмата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top