Од студиото на Марвел на само еден ден пред САД, ни пристига долгоочекуваниот „Капетан Америка: Зимски војник“. По марвеловиот успех со супер-хероите Тор и Железен човек, студиото ни го носи продолжението на веќе започната авантура на Стив Роџерс – Капетан Америка.
По катаклизматичните случувања во Њујорк со Осветниците, го следиме Капетан Америка како се обидува да се прилагоди на модерниот свет. Но, кога неговите колеги од ШИЛД ќе претрпат напад, тој ќе се фати во мрежа од интриги кои се заканува дека ќе го загрози целиот свет. Здружен со Црната вдовица, се обидува да разоткрие завера додека се бори со професионални убијци пратени засекогаш да го заќутат. Тој бара помош од новиот сојузник Сокол, но ќе се најде во борба со неочекуваниот непријател – Зимскиот војник.
Претседателот на Мервел воедно и продуцент на филмот, Кевин Фиџ, говори за причината како Марвел бележи огромен успех на кино благајните со своите блокбастери: „Една од моите омилени работи кај Марвел универзумот е дека никогаш не е лесно да се победи. Иако тие имаат супер моќи или вештини, луѓето сакаат да ги гледаат нашите херои како напорно се борат и сепак на крајот триумфираат. За среќа сме во можност да ги земеме тие елементи и да ги трансформираме во визуелен спектакл кој е интересен за гледање и е емотивен предизвик. Го прави вреден да го напуштиш ТВ екранот за кино платното за да можеш да уживаш во неговите ефекти заедно со сета кино публиката и да си дозволиш колективно искуство. Многу сме среќни што имаме универзум полн со многу комплексни, но забавни карактери кој продолжува да привлекува внимание кај публиката.“
Базиран на познатата серијата на марвелови стрипови, за прв пат објавени во 1941 година, во „Капетан Америка: Зимски војник“ главните улоги ги толкуваат: Крис Еванс (Капетан Америка), Скарлет Јохансон (Наташа Романов/Црната Вдовица), Себастијан Стан (Баки Барнс/ Зимскиот Војник), Ентони Меки (Сем Вилсон/Фалкон), коби Смулдерс (Агентот Хил), Роберт Редфорд (Александар Пирс) и Семјуел Л. Џексон (директор на ШИЛД, Ники Фери).
На визуелните ефекти на филмот работеше и нашето студио за ефекти ФХ3Х. “Соработката со Scanline трае веќе 3 години и со нив соработувавме на „Железниот човек 3“ кој оваа година беше номиниран за Оскар”, вели Кристијан Даниловски, ко-сопственик и основач на ФХ3Х. На филмот работеа 57 артисти во периодот од јуни 2013 до јануари 2014, при што се работеше на 6,5 минути или 89 кадри.

Овој четврток ни пристига и филмот „Филомена“, вистинска приказна за жена која била во потрага по својот изгубен син. Филмот на Фрирс е базиран на вистинска приказна која ја опиша британскиот новинар Мартин Сиксмит во својата книга „Изгубеното дете на Филомена Ли“ во 2009та година, откривајќи многу гревови на католичката црква во Ирска и Велика Британија.
Приказната ја следи Филомена Ли која педесет години е во потрага по својот син кој манастирот присилно го дал на посвојување и која со помош на Сиксмит, конечно доаѓа до вистината. Таа како тинејџерка, додека била во еден ирски католички манастор, занесена од првата љубов, родила дете кое сестрите од манастирот го оттргнале од нејзиниот живот и го дале на семејство од Америка, кое сакало да го посвои.
Прикажувањето на овој филм предизвикал Ватикан да покрене истрага за слични случаи на нелегално посвојување во Ирска во средината на 20тиот век.
Филмот освои 9 награди на фестивалот во Венеција, по три номинации за Златен Глобус и наградата БАФТА за најдобро адаптирано сценарио и номинации за Оскар во категориите најдобар филм, адаптирано сценарио, главна актерка и најдобра музика напишана за игран филм. Вистинската Филомена, ни открива Фрирс, го посетувала сетот во текот на снимањето. На нè толку одамна одржаниот фест Филомена предизвикала смеа, солзи и низа спонтани аплаузи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


