Откако организираше преврат во Украина, Западот е подготвен да почне „грабеж“ под маската на ММФ, објави на својот веб-сајт познатиот светски економист и публицист Пол Крејг Робертс.
Во споредба со корупцијата која сега се случува во Украина, претходниот режим ќе изгледа чесно. На крајот, „лековерните навивачи“ ќе жалат поради Мајдан до крајот на животот, резимира Робертс.
Медиумите намерно не ја соопштуваат вистината за суштината на кредитот на ММФ затоа што тие за Украина ќе значат пад на животниот стандард, губење на сопствените производи и уште поголем долг, смета економистот.
Според него, киевските демонстрации се организирани од Вашингтон за да постават бази на НАТО крај границата на Русија и да ја „ограбат“ Украина.
Тој „грабеж“, како што пишува Робертс, веќе почнал, а идеалистите кои протестираа на Мајдан испаднаа „лековерни навивачи“.
Украина во моментот се соочува со цела низа проблеми. Самата по себе претставува „невозможен спој“ на украински и руски територии кои во исти граници ги ставија Ленин и Хрушчов.
Крим веќе се соедини со Русија, но по ист пат може да тргне и југоистокот на Украина, особено ако „подметнатата“ влада продолжи да искажува непријателски став кон рускојазичното население.
Исто така, се наѕира судир меѓу „Десниот сектор“ и „марионетите“ на САД, додава тој. Во случај на оружен конфликт, Вашингтон ќе притрча на помош на своите штитеници, а тогаш влезот на НАТО во Украина ќе ја натера Русија да ги припои и рускојазичните делови на Украина.
Освен тоа, вели Робертс, западните медиуми ја премолчуваат вистината за „пакетите помош“ на ММФ. Медиумите соопштуваат и Украинците им веруваат дека ММФ ќе ја спаси земјата со давање милијарди долари. Но, всушност, Украина „никогаш нема да види ниту еден долар од ММФ“.
Всушност, ММФ парите предвидени за Украина ќе ги даде на западни банки, а овие за тој износ ќе го намалат долгот на Украина. На крајот Украина нема да биде должна на банките туку ММФ. А, условите на ММФ подразбираат строги мерки на штедење: во Украина ќе бидат намалени пензиите, државните трошоци, субвенциите за најважните набавки, на пример за гас. Како резултат на тоа, ќе се намали и без тоа нискиот животен стандард, предвидува угледниот економист.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.