Со моден перформанс во Старата скопска чаршија, дизајнерките Катерина Попева и Марија Дацевска од ателјето „Hard to explain“ го почнаа ревијалниот дел на деветтото издание на Моден викенд, кое ќе трае до недела, 6 април.
Пред ателјето на Попева и Дацевска во Старата чаршија беа прикажани вкупно дваесет креации од најновата колекција наречена „Раскажувачот“ за актуелната сезона. Моделите беа презентирани низ моден пеформанс испратен со звуци на виолина и раскажувач кој раскажа за инспирацијата на двете дизајнерки.
– Главната цел на оваа колекција е низ перформанс да се раскаже една посебна приказна за градот Скопје, кој погледнат од очите на авторите на оваа колекција е сместен на калдрмата во чаршијата и живее една своја посебна бајка – велат Попева и Дацевска и додаваат дека креациите се повеќесезонски и авангардни.
Колекцијата „Раскажувачот“ за пролет/лето 2014 е составена главно од фустани и здолништа изработени од природни материјали, памук, свила и претежно во сива, виолетова, зелена и крем-боја.
Модениот викенд продолжува вечерва со ревијата на модната куќа „Елена Лука“ во Музејот на македонската борба за државност и самостојност со почеток во 20 часот.
фото: Ани и Дими
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.