
Сите 22 концерти во Лондон во август и во септември на британската пејачка Кејт Буш се распродадени за помалку од 15 минути, пишуваат британските медиуми.
Кејт Буш неодамна на својата интернет-страница објави дека ќе одржи 15 концерти во Лондон. Ова се први настапи во живо на британската пејачка по пауза од 35 години. Потоа беа додадени уште седум концерти на листата.
Концертите ќе се одржат во лондонската арена „Евентин Аполо“, а првиот настап е на 26 август.
Буш здоби светска слава во 1979 година, кога како 19-годишна пејачка го отпеа синглот „Оркански височини“. Таа година ја одржа и својата прва и единствена европска турнеја под наслов „Тура на животот“. Оттогаш се откажа од настапи во живо и снимаше само студиски албуми.
Буш има вкупно десет албуми од кои три беа на врвот на британската листа на најдобри албуми. Има и три номинации за наградата „Греми“.
Нејзини најпознати песни се „Бабушка“, „Човекот што имаше детски поглед во очите“, „Не предавај се“, која ја испеа во дует со Питер Габриел.
Поради својот еклектичен музички стил и неконвенционален вокален израз, Кејт Буш стана една од најуспешните британски женски изведувачки во последните 30 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


