| четврток, 6 декември 2018 |

Поповски: Гласајте за личност, а не за партија

Кандидтот за претседател на ГРОМ Зоран Поповски вечерва на митингот во скопската општина Кисела Вода ги повика граѓаните слободно и без страв да го направат својот избор и да гласаат за личност, а не за партија.

– Нема да потпишувам закони кои нема да бидат од интерес на граѓаните. Ќе го подобрам стандардот на војниците и ќе се залагам сите клучни прашања за државата да се решаваат отворено на маса меѓу сите политички опоненти, порача Поповски.

Тој посочи дека сака да отовори нов начин на комуникација со соседните земји и да почне да ги затвора отворените прашања коишто со години не оптеретуваат и не ни дозволуваат да одиме напред.

– Јас сум поборник на цивилизациски комуникации во културата, во спортот, во уметноста, образованието, културата, во здравството. На таков начин и прашањето на името и прашањето на црквата и прашањето на јазикот ќе станат толку апсурдни што веќе нема да се сеќаваме на нив, вели Поповски.

Поддршка за Поповски побара и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

– Ме обвинуваат дека сум работел за Груевски и сум добил задача од него да освојам пет пратенички места. Сакам да им порачам дека покажав и докажав дека нема да бидам продолжена рака ни на едните ни на другите и дека можам да се носам рамо до рамо со сите политички противници, потенцираше Јакимовски.

Тој ги повика претседателските кандидати на телевизиска дебата, бидејќи според него, само на тој начин ќе можат да се соочат аргументите, а граѓаните ќе имаат можност самите да одлучат каков претседател им е потребен.

Поповски денеска имаше средби и со граѓани во Петровец, Илинден, Зелениково, Сопиште и Количани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top