| четврток, 6 декември 2018 |

Се шири епидемијата од морбили во Скопје

morbili

Нови 22 лица се заболени од морбили, односно мали сипаници, соопштуваат од Центарот за јавно здравје. Најголем број од нив биле ученици. Здравствените власти денеска известија дека сите образовни институции добиле насоки за зголемување на хигиената во училиштата за да се спречи натамошно ширење на оваа инфективна болест, која ја предизвикува вирус од групата миксовируси, а се пренесува преку воздух.

– Советуваме што е можно поскоро граѓаните, а пред сè учениците што не се ваквинирани од морбили, да ги посетат најблиските амбуланти каде ќе бидат вакцинирани, со што значително ќе се намали бројот на заразените зашто инкубацијата на болеста е од 10 до 12 дена – вели д-р Благоја Алексовски од Центарот за јавно здравје.

Симптомите на болеста се поделени во три различни стадиуми, во зависност од периодот на развој на заболувањето, односно инфективен стадиум.

Се јавува зголемена телесна температура од 38 до 40 степени. Децата се жалат на главоболка, малаксаност, вознемиреност и жед. Потоа е катаралниот стадиум, при што заболениот не може да поднесе светлина, има зуење во ушите, солзење на очите и тече носот.

Во третиот стадиум, во устата се појавуваат бели наслаги што се задржуваат два до три дена, а по еден до два дена се јавува осип на кожата и телесна температура од 38 до 40 степени.

Првото исипување (макули) се јавува навечер, во пределот на косата. По еден до два дена, се шири по целото тело, при што кожата станува видливо црвена, со ситни макулозни промени. Стадиумот на исипување трае 3 до 6 дена и потоа исипувањето почнува да бледее, а по една недела се губи.

 

Малите сипаници се пренесуваат преку дишењето (во контакт со течностите од носот и устата на заразеното лице) и се многу заразни, односно 90 проценти од луѓето без имунитет, кои го споделуваат животниот простор со заболеното лице, ќе се заразат.

 

Инфекцијата има просечен период на инкубација од 14 дена и инфективноста трае од 2 до 4 дена пред, и од 2 до 5 дена по почетокот на oсипувањето, односно, вкупно од 4 до 9 дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top