| четврток, 6 декември 2018 |

Обуката за графички дизајнер во „Сивус“ ја поминаа 35 невработени лица

seavus-sertifikati500

Од вкупно 109 пријавени кандидати на повикот на Агенцијата за вработување, 35 лица што се квалификуваа и успешно ја завршија обуката за напредни вештини од областа на информатичката технологија, денеска се здобија со меѓународно признати сертификати.
Бесплатната обука беше наменета за невработени лица, а спроведена од страна на „Сивус едукативен и развоен центар“, со поддршка на Агенцијата за вработување и Министерствата за труд и за социјална политика и информатичко општество и администрација.

Во периодот од ноември 2013 година до април 2014 година интензивната програма за графички дизајнер се реализираше во Скопје, Прилеп и во Охрид.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски истака дека сите кандидати што денес се здобија со дипломи ќе можат веднаш да се вклучат во пазарот на трудот и да најдат соодветно работно место.

– Се надевам дека дел од кандидатите што ја завршија обуката ќе побарат од Агенцијата за вработување посредување за некоја од компаниите, кои најавија влез во Република Македонија. Една од поголемите која најави влез е „Ендава“ од Англија и дека дел од нив ќе најдат вработување и во компанијата – рече Поповски.

Тој додаде дека преку 60 отсто од досега обучените лица се веќе вработени.

Генералната менаџерка на „Сивус едукативен и развоен центар“, Весна Ивановска рече дека оваа обука ги дала очекуваните резултати.

-Графичкиот дизајн е една професија што никогаш не завршува, напротив секој ден се модернизира, но едно е сигурно, тоа е потребата од овој профил на пазарот на трудот. Во Република Македонија постои константен дефицит не само од ИТ профили општо, туку најбарани се веб и графичките дизајнери. Оваа професија остава можност да се работи на странски проекти, да се работи самостојно или да се создаваат сопствени фирми – истакна Ивановска.

Инаку, една ваква обука, односно годишна програма за гафички и за веб-дизајн, како што нагласи чини околу 2.500 евра.

Целта на овие бесплатни компјутерски обуки, поттикнати од Владата на Република Македонија е стимулирање на невработените да ги подобрат своите знаења од областа на информатичката технологија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top