| четврток, 6 декември 2018 |

За априлската Модна недела Елена Спасовска направи „Спектакл 2014“

елена спасовска

Македонската модна дизјанерка Елена Спасовска на претсојната Модна недела, која почнува утре, на први април и ќе трае до шестти, в сабота, на 5 април ќе ја претстави својата колекција „Спектакл 2014“ и тоа преку перформанс, во кој девојките од балетското студио „Ултра“ во кореографија на Александра Димитриевска ќе ни раскажат приказна која почнува како кабаре, но на крајот завршува како циркус. Ќе има многу музика, танц и шаренило.

– Перформансот ќе биде комбинација од ревија и кабаре каде што балерините ќе ги носат костимите, а манекенките ќе ги носат десетте модели – вели Спасовска, која има искуство на Модниот викенд на кој учестувала неколкупати.

Во колекцијата „Спектакл 2014“ ќе преовладува црната боја во комбинација со бојата на кожата.

– Ефектот на прозрачност , тантелата и ресите ќе придонесат за текстурата, а кројките каде што преовладуваат преголемите величини ќе придонесат за драматичност во изгледот. Детали и додатоци со реси и тантела ќе помогнат изгледот на моделите да биде потполн – ја објаснува својата нова колекција Спасовска.

Модната дизајнерка признава дека оваа колекција ќе се разликува од досегашните.

– Оваа колекција ќе се разликува од предходните, не само по темата или инспирацијата, туку на оваа колекција повеќе се задржав на удобноста и носивоста на моделите, работев на зголемување на формите и деформирање на кројките. Само едно нешто проткајува низ секоја моја колекција, а тоа е силната и урбана жена која сака да се истакне во толпата – вели Спасовска.

Во ова издание на Модниот викенд колекциите ќе бидат достапни на купувачите по ревиите во „Концепт 37“. По ревијата и колекцијата на Спасовска ќе биде достапна за купувачите, а наскоро ќе може да се купи и на нејзиниот веб-сајт, кој е во изградба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top