Русија има намера во Крим да направи коцкарски рај со казина и хотели, пишува „Блумберг“ повикувајќи се на упатени извори. Експертите од Министерството за економија, финансии и регионален развој на состанокот со заменик-премиерот на Русија, Дмитриј Козак, кој е задолжен за Крим, добиле налог до 15 април да ги проценат трошоците и добивките од Лас Вегас на Крим и да го претстават планот, велат изворите за „Блумберг“. Тоа би бил добар начин Крим да се „симне“ од федералниот буџет. Полуостровот и онака годинава ќе има фискален дефицит од околу 55 милијарди рубљи (1,5 милијарди американски долари), кои Москва во целост ќе ги покрие, изјави минатата недела рускиот министер за финансии, Антон Силуанов. Тоа нема да биде преголем проблем со оглед на тоа дека Русија во првите два месеца имаше буџетски суфицит од 30,5 милијарди руски рубљи, но ќе биде проблем ако тоа прерасне во практика.
Ако на Крим биде формирана област за коцкање, таа ќе биде дел од посебна економска зона, а компаниите што се наоѓаат таму ќе имаат посебни олеснувања. Изворите на „Блумберг“ тврдат дека премиерот Дмитриј Медведев по состанокот на 24 март им наложил на министрите да развијат план за развој на Крим, а за тоа го задолжил токму Козаков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


