Воведувањето на сурогат-мајчинството отвора многу дилеми и затоа треба да се пристапи внимателно кон оваа материја, предупредуваат експертите.
На денешната трета дебата што ја организира Министерството за здравство за воведување на овој концепт, професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ посочија на аргументи „за“ и „против“.
Според министерот за здравство, Никола Тодоров, не треба да се дозволи сурогат- мајчинството да се претвори во бизнис, туку да се гледа на него како на чин на хуманост.
– По ниту една цена не смееме да го дозволиме тоа. Ова не треба да биде бизнис, туку чин на хуманизам. Само како таков концепт е прифатлив и може да биде полезен за општеството. Сѐ останато би било сериозна деградација на општеството – истакна Тодоров.
Професорот Дејан Мицковиќ од Правниот факултет смета дека со воведувањето на сурогат-мајчинството ќе се франгментира мајчинството и по низа години ќе се соочиме со ситуација на раѓање деца од инкубатор.
– Мајката е онаа што го раѓа детето и тоа е темелот на човечката цивилизација. Сега велиме дека мајка не е онаа што го раѓа детето, туку онаа што склучува договор со сурогат-мајката. Тоа е најсериозниот проблем со кој се соочуваме затоа што да се фрагментира мајчинството значи да се напушти човечкото во нас – истакна Мицковиќ.
Според него, не ќе може да се избегне комерцијализацијата од сурогат-мајчинството, а постои опасност да се таргетира и една категорија жени кои поради сиромаштијата со која се соочуваат, ќе се согласат да бидат сурогат мајки.
Неговиот колега од Правниот факултет, Ангел Ристев, укажа дека треба точно да се прецизираат одредбите од договорот што ќе се потпише за да се избегнат евентуалните последици. Предочи и дека треба да ѝ се укажат на сурогат-мајката сите ризици што ги носи бременоста, а како дилема го постави и прашањето што доколку мајката не се придржува до потпишаниот договор.
Експертите предупредија и на дилемата што доколку жената се согласи да биде сурогат- мајка во помлади години, а подоцна поради гинеколошки причини е спречена да роди, односно дали во овој случај кај неа не би се јавила желбата да го побара детето што го родила како сурогат-мајка.
Размислувањата на Министерството за здравство околу воведувањето на сурогат- мајчинство одат во таа насока сурогат-мајка да биде жена постара од 21 година, а генетскиот материјал да биде земен од двајцата родители кои не можат да имаат деца. По раѓањето, детето би им припаднало на двајцата родители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Град Скопје повика на дебата за изградбата на гасоводот на Водно, запрена е изградбата
-
Тридневна дебата, книжевна вечер, музика во Даут Пашин-амам
-
Утре во ДПМ: „Епохата на естетскиот плурализам“ – трибина посветена на академик Милан Ѓурчинов
-
Тодоров: Со паралелниот увоз на лекови беше разбиен монополот, не е точно дека лековите не се квалитетни (видео)