Гостувањето на претседателот Ѓорге Иванов во емисијата кај Јанко Илковски, каде што кажа обичен лапсус, предизвика голем интерес кај опозициските медиуми, кои оркестрирано го нападнаа шефот на државата, пишува „Курир“.
Ниту најголемите светски лидери не се имуни на вербални лапсуси искажани на прес-конференции или, пак, при медиумски гостувања. Барак Обама, Дејвид Камерон, Ангела Меркел, Владимир Путин се само дел од најпознатите светски лидери кои направиле гафoви поради што биле цел на медиумите, но тоа во западноевропските земји и САД е природно и прифатливо, пишува „Курир“.
Еден од највлијателните светски лидери, американскиот претседател Барак Обама е познат по своите гафови. Угледниот магазин „Тајм“ дури има направено и листа од Топ 10 гафови на Обама. Американскиот потпретседател, пак, Џо Бајден, исто така, е познат по своите гафови од кои највпечатлив е оној од пред две години кога изјави дека Бил Клинтон, а не Обама, е претседател на САД.
Дека лапсусите кај познатите лидери се речиси секојдневие покажува и вчерашниот гаф на Обама, кој од говорницата во Брисел ја остави јавноста збунета, изјавувајќи дека „Косово ја напушти Србија дури откако беше организиран референдум“, а всушност никогаш не постоеше таков референдум.
Државниот секретар на САД, Џон Кери, уште еден во низата кој направил грешки. Неодамна, тој направи гаф измислувајќи нова нација – Кирзакастан. Од Стејт департменот објаснија дека, всушност, мислел на Киргистан, поранешна советска држава со 5,5 милиони жители, а ја помешал со богатиот сосед Казахстан, пишува „Курир“.
И европските лидери, како Дејвид Камерон, Ангела Меркел и Владимир Путин, не се теделе од правење гафови. Влијателниот британски весник Мирор има направено листа од десет лапсуси на Дејвид Камерон, а како еден од највпечатливите во низата се пренесува изјавата дека британскиот премиер не знае колку чини лебот.
Германската канцеларка Ангела Меркел, која важи за најмоќна жена според „Форбс“, не е имуна на гафови. Таа неодамна не знаеше каде се наоѓа главниот град на Германија, па Берлин го смести во Русија, што наиде на неверување кај светската јавност, но нејзиниот рејтинг не се намали, туку од ден на ден е сѐ постабилен.
Јавноста го памети и несекојдневниот гаф на Меркел во мај минатата година кога на заедничка прес-конференција со францускиот претседател, Франсоа Оланд, го згреши неговото презиме и му се обрати со Франсоа Митеран.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој според многу истражувања на угледни светски списанија важи за највлијателен светски политичар, исто така, е дел од оние кои прават гафови и лапсуси. Неодамна, Путин по повод смртта на рускиот режисер Владимир Мотил испратил телеграма со сочувство до сопругата на режисерот иако таа веќе две години била почината.
Несуштинскиот лапсус на претседателот Ѓорге Иванов во емисијата „Јади бурек“ предизвика омраза и непрофесионалност кај опозициските медиуми, а во напливот на гнев особено се истакнува Бранко Героски, кој жестоко го нападна Иванов, па во недостиг од посериозна тема за насловна страница на својот весник, го искористи токму овој случај.
Героски во колумна објавена на „Плусинфо“ жестоко го напаѓа Иванов за обичниот лапсус, кој ни од далеку не е толку сериозен како на пример тоа дека Меркел не знае каде е Берлин или, пак, низа од гафовите на Обама и Камерон. „Курир“ го повикува Бранко Героски да напише иста ваква колумна против Обама, Меркел и Камерон и да објасни зошто овие политичари поради искажаните гафови не се добри лидери како што го напаѓа Иванов или, пак, да се извини за напливот на гнев, омраза и непрофесионалност.
Набројаните примери покажуваат дека секој човек понекогаш греши и нема политичар кој во својата кариера не направил некој гаф или, пак, лапсус, но она што е многу поважно и за кое запраша и Антонио Милошоски на вчерашниот митинг е тоа дали е поголема грешка вербален лапсус или стратешки пропуст.
– Сум водел многу кампањи и можам да ви опишам како поминува еден ден – во 8 часот посета на 10 села, 2 фабрики, пензионерски домови, потоа 4 митинзи, 1000 поздравувања, а после полноќ треба да се појавите на телевизија. Човечки е да се греши. Нема политичар што не направил лапсус. Едно ќе ги прашам дали е поголема грешка вербален лапсус или стратешки пропуст и да ја продадеш цела држава со територијална организација? Дали лапсус направен од замор е поголема грешка од тоа што Пендаровски верификуваше избори со 10 проценти наполнети кутии? Дали е поголема грешка да кажеш дека 2 месеци ќе имаме привремено име, а цел свет со години да ни се обраќа со референца? Дај боже за вашите кандидати да наоѓаме само лапсуси. Но, вие правевте стратешки грешки. Иванов е патриот, човечен, ја оправдува довербата – рече Милошоски пред битолчани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.