| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорѓе Иванов: Работев и ќе работам за отворање нови можности за македонската економија

Во програмата на Ѓорѓе Иванов еден од столбовите е поддршката на институциите, општините и стопанството, за создавање нови работни места. Тој ги поддржуваше и ќе ги поддржува иницијативите и проектите за вработување на младите и самовработување.

На вечерашниот митинг во Битола посочи дека највисоко на агендата ќе продолжи да му биде економската дипломатија. Каде и да оди, ќе продолжи да работи на привлекување странски инвестиции во Македонија. Еднакво е важно унапредувањето на домашната патна и енергетска инфраструктура.

-Донесени се речиси 2 милијарди евра странски инвестиции. Исплатени се половина милијарда евра субвенции за земјоделците. Пелагонија е најголемиот производител на храна. Тоа е работа за многу земјоделци и агро-комбинати. Највидлив резултат се отворањето нови работни места. Досега се создадени околу 120.000 нови работни места. Успешноста на политиката во развиениот свет денес се мери со бројот на отворени работни места и со видливи економски резултати. Резултати какви што Македонија покажува.  Тие работни места ги создава македонската економија со сопствените сили, државата со правната регулатива и со услови за водење бизнис и со странски инвеститори. Странските инвеститори стекнаа целосна доверба во нашата држава. Денес тие се нашите најголеми промотори во светот на бизнисот. И вие битолчани се уверивте во тоа. Оваа влада ја отвори индустриската зона „Жабени“. Фабриката Кромберг и Шуберт почна да работи во октомври 2013 година и во моментот работат околу 1000 лица. Годинава ќе има уште 500 нови вработувања, а до година уште 1000! Кромберг и Шуберт во Битола произведува за автомобилски брендови во Европа како што се Фолксваген, BМW, Ауди, Мерцедес. Во Жабени веќе се гради и друга фабрика, а издадени се и неколку нови градежни дозволи за фабрики, истакна Иванов.

Како претседател, рече, работев и ќе работам на отворање нови можности за македонската економија, нови пазари за македонските производи, нови партнерства за македонските стопанственици. Ќе продолжам да ја промовирам македонската економија, македонските можности и поволности.

Новите работни места ја движат нашата економија напред. Македонија мора да понуди поголеми можности за оние што вредно работат и што се подготвени да го користат својот труд, своите вештини и таленти за да ја обезбедат сегашноста и иднината на своите семејства.

-Ќе продолжам да ги поддржувам реформите насочени кон подобрување на образованието.Ќе продолжам и со моите проекти „Школа за млади лидери“ и „Најдобар млад научник“. Проекти со кои ги мотивираме и ги инспирираме младите луѓе да се развиваат и да станат успешни. Проекти со кои ја поддржувам македонската наука и ги охрабрувам младите научници. Сакам Македонија да прерасне во земја на иновации и нови технологии, кои ќе бидат двигатели на македонската економија.Како што ја отвoраме Македонија, ја отвoраме и Битола кон светот и кон странските инвеститори. Битола да си го заземе местото кое отсекогаш го имала. Раскрсница и центар на еден поширок регион. Целиот битолски регион ќе види колку значи, за побезбеден и побрз сообраќај, подобрувањето на патот од Градско преку Прилеп до Битола. Уште повеќе ќе се направи во следниот период. Железничката пруга која порано функционираше од Битола до Кременица повторно ќе профункционира. Битола ќе добие комплетно реновирана железничка станица. Таквата стратешка инфраструктура е рецептот за економскиот просперитет и отворањето на нови работни места. Во Битола има интензивни градежни активности! Поранешната касарна во Битола ќе прерасне во голема и современа населба. Недалеку од касарната е Зоолошката градина. Бев покровител на процесот за нејзино темелно реновирање и помогнав во обезбедувањето на средства од ИПА фондовите како прекуграничен проект со Зоолошката градина во Лерин. Се обезбедија 700.000 ЕУР за Битолската и 500.000 ЕУР за Леринската зоолошка градина. Тоа е прекугранична соработка на дело, европска соработка и радост за најмладите.Покровител сум и на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ кој не само што остана во Битола, туку се здоби со многу богата програма, посочи Иванов.

Еден од столбовите на неговата програма е солидарноста.

-Мораме да се грижиме за сиромашните, старите, болните и лицата со посебни потреби. Радува изградбата на станови за лица во социјален ризик и други ранливи групи во Битола. Со години недостасуваа станови и куќи за станбено необезбедени лица (млади брачни двојки, инвалидизирани лица, самохрани родители). Веќе е завршен објектот со 70 станбени единици за оваа намена.  Опремени се 40 стана наменети за деца без родители. Се отвори новиот современ дом за стари лица „Сју Рајдер“ – Битола. Со оваа инвестиција значително е подобрен капацитетот на домот. Објектот има зголемен сместувачки и просторен капацитет со што старите и изнемоштени лица ќе добијат значително подобра услуга. Многу е вложено во здравството во Битола. Нова опрема, реновирање и едукација на кадри од битолската клиничка болница. Таа е регионален клинички центар, истакна Иванов.

Тој на битолчани им порача- Вашиот регион е традиционално печалбарски крај. Република Македонија не е само држава на сите граѓани што живеат во неа, туку и матична држава на дијаспората. Како претседател силно ќе поддржам и ќе иницирам активности што овозможуваат зацврстување на поврзаноста на генерациите иселеници со нашата заедничка татковина Македонија. Сигурен сум дека македонската дијаспора поактивно ќе биде присутна во економијата и во политиката на Република Македонија. Со правото на глас, дијаспората е вклучена во демократскиот живот во Македонија. Со уште повеќе идеи за соработка, со поведување заеднички иницијативи во областа на економијата и културата, македонската држава и дијаспората можат да направат многу за иднината на татковината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top