| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов од Битола: Бев со претседатели, премиери и државници, уште повеќе бев со својот народ

Ова го порача македонскиот претседател и кандидат за истата функција, Ѓорѓе Иванов на вечерашниот митинг во Битола.

-Водев надворешна политика заснована врз принципи. Отвореност, дијалог и соработка. Најголем дел од времето посветивме на прашањето за разликата околу името. Имам јасен став, за кој знам дека имам поддршка од граѓаните. Не прифатив и нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.Македонските граѓани сами ќе одлучуваат за своите клучни национални прашања. Македонија е добар сосед. Битола е најдобриот пример за тоа. Понекогаш меѓу соседите се појавуваат разлики, кои се надминуваат единствено преку дијалог и почитување. Моето барање до сите е разликите да не претставуваат пречка за соработката. Затоа што вие, граѓаните, имате потреба за соработка. Меѓусебното разбирање ќе ни помогне побрзо да ги надминуваме предизвиците, истакна тој пред битолчани.

Неодамна тој даде отчет за својата работа како претседател на Република Македонија. Единствен претседател е, рече, што изготвил програма за работа. Единствен што дал отчет за својот мандат.

-Во градот на конзулите, отчетот ќе го почнам со надворешно-политичката агенда.Остварив преку 450 средби со претседатели, премиери, министри, државници. Остварив повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. Во Битола за првпат, надвор од Скопје, го донесов целокупниот дипломатски кор. Им ги покажавме познатото градско јадро и широк сокак, Музејот, Пелистер. Видливо беше нивното воодушевување на што бев особено горд, истакна Иванов.

Како државен врв, многу постигнавме, посочи Иванов и наброја дел од најважните достигнувања:

-Обезбедивме визна либерализација за нашите граѓани.

-Ја внесовме Македонија во плановите за гасоводот „Јужен тек“.

-Обезбедивме нови странски инвестиции, се отворивме кон нови пазари и создадовме нови можности за македонската економија.

-Од соработката со Кина, произлегоа и првите конкретни резултати.

Тој посочи дека остварил средба со претседатели, премиери и државници, уште повеќе со својот народ. Кај него дојдоа преку 5000 граѓани.

-Во Битола отворив народна канцеларија, преку која постојано бев во контакт со Битола и со цела Пелагонија. Претседателот е избран да му служи на народот, а не обратно. Не сум од оние што се гледаат со сограѓаните само од избори на избори. Редовно бев во Битола и со битолчани. И во добро и во лошо! Се сеќавам на Август 2011 година. На пожарите кои го опкружуваа градот, кога ја повикавме Армијата на Република Македонија на помош и кога се спасија многу човечки животи и имотите на нашите сограѓани.И премиерот и неговите министри се луѓе кои се постојано со граѓаните. Така работат! Постигнуваат успеси бидејќи се во контакт со народот и ги знаат неговите потреби. Знаат каде и што треба да се направи. Нема град и село каде што не биле и не увиделе кои се потребите на луѓето. Дали е амбуланта, аптека, пат, водовод, спортска сала, училиште… Гледаме дека прават сè што можат, колку што се можностите на државата. Јас од првиот ден активно ги поддржував сите овие напори и во рамките на своите надлежности го помогнав нивното остварување. Спроведени се реформи во речиси секоја област од животот, рече актуелниот претседател и кандидат за истата функција.

Во неговата програма, еден од столбовите е поддршката на институциите, општините и стопанството, за создавање нови работни места. Ги поддржуваше и ќе ги поддржува иницијативите и проектите за вработување на младите и самовработување. Највисоко на агендата ќе продолжи да му биде економската дипломатија. Каде и да оди, ќе продолжи да работи на привлекување странски инвестиции во Македонија. Еднакво е важно унапредувањето на домашната патна и енергетска инфраструктура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top