Исчезнатиот Боинг 777, на „Малезија ерлајнс“ MH370, испратил еден последен, неочекуван сигнал осум минути од својот последен „пинг“. Боингот 777 испраќал редовни автоматски сигнали на сателитите секој час. Тие редовни седум „пингови“ и помогнале на британската телеком компанија „Inmarsat“ да ја исцрта претпоставената патека на авионот, која наводно завршува во јужниот Индиски океан.
Но, според најновите информации постојат индиции дека авионот се обидел да испрати уште еден, последен контакт со сателитот, на околу 8 минути по последниот рутински контакт.
– Имаме докази за делумно воспоставување контакт меѓу авионот и контролата во 00:19 часот, вели Хишамудин Хусеин, малезискиот министер за транспорт. За сега не ја разбираме природата на тој сигнал и сеуште го истражуваме, изјавил.
– Звучи како авионот да почнал да испраќа некаква порака, која од некаква причина е запрена. Можеби во тој миг авионот се наоѓал во катастрофална фаза на својот лет-нешто го предизвикало падот-или дошло до атмосферско пореметување, вели стручњакот за воена електроника Томас Витингтон за британскиот весник „Телеграф“.
– Дали некој член на екипажот се обидел да испрати порака? Дали се расипало нешто? Одговорите на тие прашања ќе ги дознаеме само ако успееме да ја најдеме црната кутија, нагласува Витингтон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


