Центарот за јавно здравје – Скопје прогласи епидемија на морбили (мали сипаници) на територијата на град Скопје. Според информациите, дури 23 од 25 заболени не биле вакцинирани.
Од 6 јануари досега лабораториски се потврдени 25 случаи со морбили. Веќе има најава за нови три-четири случаи во текот на денов. Епидемијата има тенденција на зголемување. Половина од заразените се деца до четири години, а останатите на возраст меѓу 20 и 40 години.
По прогласенатa епидемија од морбили во Скопје, каде што дури 23 од вкупно 25 случаи не се вакцинирани, повторно се актуализира прашањето за бојкотот кој се јави од група родители за задолжителната употреба на вакцините.
На социјалните мрежи извесно време се развива дискусија за можноста родителот да одбие да го вакцинира своето дете и какви последици може да има вакцината по детето, но и какви последици може да има невакцинирањето за целото население.
Кампањите против вакцинацијата се прелеваат во Македонија од други европски држави. Вакцините штитат од болести што предизвикуваат тешки последици, па и смрт. Експертите порачуват дека родителите не треба да бидат себични, туку да мислат и на своето дете, но и на доброто на заедницата.
– Моја препорака е да се почитува здравствениот систем кој и ние на времето сме го почитувале и сме ги вакцинирале и нашите деца. И во Македонија, како и во целиот свет, мора да продолжи вакцинацијата ако сакаме да не се вратат оние времиња кога епидемиите убивале повеќе од војните – смета доктор Јованка Костовска.
Според неофицијалните информаци до кои дојде „Курир“, на Клиниката за инфективни болести е хоспитализирано дете заразено со морбили, а мајката одбивала детето да биде вакцинирано, што воедно претставува опасност не само за нејзиното дете, туку и за останати деца што можат да бидат заразени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



