Македонската ракометна бајка во Европа не познава граници, а се насмевнува и титула во Лигата на шампионите, до која најблиску од трите наши претставници е женскиот ракометен клуб Вардар.
Вардарки веќе обезбедија настап на завршниот турнир во Будимпешта и се на два чекора до трофејот, што би било вистински подвиг. Избраничките на Индира Кастратовиќ веќе ја испишаа историјата, а со успех во мај во главниот град на Унгарија ќе се запишат во главната книга на најсилното европско клупско натпреварување како единствен случај – дебитант во ЛШ да го освои трофејот.
„Црвено-црните“ сезонава остварија неколку индивидуални и клупски резултати за почит. Првпат играа во Лигата на шампионите и останаа во игра за трофејот, ќе учествуваат на првиот завршен триумф во ова натпреварување, кое досега се играше по поинаков принцип, ја имаат Индира Кастратовиќ, во составот се уникатните Јованка Радичевиќ и Ана Ѓокиќ, составот е кадарен за титула, поддршката од навивачите нема да изостане и во Будимпешта, а Македонија ја чека втората клупска титула во најсилното ракометно натпреварување.
Уникатната приказна на Индира Кастратовиќ
Индира Кастратовиќ има огромна шанса да биде уникатен пример во светот на ракометот со две титули во Лигата на шампионите во две поинакви улоги. Со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година како ракометарка на македонскиот шампион го освои единствениот клупски трофеј на наша екипа во европските натпреварување, а блескаше во финалето против Ференцварош. Популарната Инди постигна 10 гола, а македонскиот првак се искачи на врвот на Европа со вкупен резултат од 51-49 (25-27 и 26-22).
Овојпат е со поинаква улога, ќе го предводи Вардар на завршниот турнир како тренер. Целта е иста како таа пред 12 години – да се освои титулата во ЛШ. Првиот меч е клучен, противник на Вардар на 3 мај ќе биде црногорскиот шампион Будуќност, а ако се мине таа пречка, следува големото финале, веќе следниот ден на 4 мај. Евентуален противник на „црвено-црните“ ќе биде подобриот од дуелот меѓу унгарскиот Ѓер и Митјиланд од Данска.
– Будуќност игра страшна одбрана, што им е голем адут против сите ривали. Во Будимпешта ќе одлучуваат моменти на инспирација, на тоа кој тренер подготвил подобра тактика. На такви турнири нема фаворити и ќе одлучуваат ситни нијанси за новиот првак на Европа – вели Кастратовиќ.
Нејзиното искуство ќе биде од непроценливо значење за Вардар во Будимпешта. Инди знае како се освојуваат трофеи иако е дебитант како тренер, а на спротивната страна противник ќе ѝ биде опасниот стратег Драган Аџиќ.
Селекторот на Црна Гора е специјалист за одбрана, а во својата земја има статус на ракометен бог. Ја предводеше националната селекција до сребрен медал на ЛОИ во Лондон 2012 година, а истата сезона Црна Гора стана европски првак. И со Будуќност прави чуда, а тимот, иако постојано се подмладува и ги продава најдобрите ракометарки, во континуитет е мошне влијателен во Европа и во Лигата на шампионите.
Пред две сезони црногорскиот првак се закити со шампионската титула во ЛШ, со успех против Ѓер во финалниот двомеч.
– И тогаш Ѓер беше фаворит, но Будуќност ја освои титулата. Ситуацијата и сега е слична, а ние ќе се потрудиме да бидеме изненадување за Вардар, а не тие за нас – вели Аџиќ.
Голем проблем за Будуќност ќе биде неиграњето на средниот бек Милена Кнежевиќ. Репрезентативката на Црна Гора е казнета со два меча од ЕХФ поради инцидентот со Анита Горбич. Милена ја нокаутира противничката со удар со глава и нема да игра на полуфиналето против Вардар, но ќе патува во Будимпешта бидејќи суспензијата ѝ завршува токму на дуелот на 3 мај.
Радичевиќ и Ѓокиќ знаат сѐ за квартетот во Будимпешта
Голем адут на Вардар е искуството на тимот, составен од екстра-квалитетни интернационалки. Тимот од соништата на македонскиот шампион има сѐ што е потребно за европска круна. Лекиќ, Радичевиќ, Суслина, Ѓокиќ, француската врска Пино, Дембеле и Лејно, потоа Бегоња Фернадес, Маја Зебиќ, малку и од македонскиот шарм, сосема доволно за истакнување кандидатура за европскиот трон.
На Кастратовиќ од голема помош ќе ѝ бидат српските интернационалки Ана Ѓокиќ и Андреа Лекиќ. Секако, повеќе на теренот, но и при ковањето на победничката стратегија. Двете одлични ракометарки знаат речиси сѐ за ривалките во Будимпешта бидејќи играа за три од четирите екипи што ќе се борат за титулата. Тие се единствените две ракометарки што имаат настапи за три екипи од овој состав на завршниот турнир, исклучувајќи го Митјиланд.
Во 2012 година дури се случи и мошне интересен момент, а сегашните клупски колешки од Вардар играа финале една против друга. Ѓокиќ беше членка на Будуќност во финалниот двомеч на кој противнички ѝ беа Радичевиќ и Лекиќ. Една, ама вредна, Ана се радуваше на трофејот во возбудлив двомеч што во вкупен резултат заврши нерешено 54-54, но благодарение на повеќе постигнати голови на гости, титулата замина за Црна Гора.
– Титулата со Вардар во Будимпешта би била круна во мојата кариера и прекрасен начин да се простам од активното играње ракомет. На завршниот турнир ќе ни недостига огромната поддршка од нашите навивачи, иако верувам дека во солиден број ќе допатуваат да нѐ бодрат. Сакам да им подариме титула како награда за начинот на кој нѐ бодреа во Лигата на шампионите – изјави Ѓокиќ.
Голем пех имаше Радичевиќ, ракометарка што таа сезона замина од Будуќност во Ѓер. Во обратен правец се движеше кариерата на Ѓокиќ, која прво играше за Ѓер, а потоа и за Будуќност. Сепак, и Радичевиќ и Лекиќ лани го коригираа киксот од 2012 и со Ѓер станаа европски шампионки. Шансата за втора титула во ЛШ е пред нив, со што би ѝ се приклучиле на Индира Кастратовиќ.
– Имаме доволен простор за напредок во играта на Вардар. Се надевам дека во битката за титулата на најдобар начин ќе ги презентираме потенцијалот и, пред сѐ, квалитетот што ги има оваа екипа. Секако, сакам и навивачите да се со нас и се надевам дека ќе допатуваат во Будимпешта – вели Радичевиќ.
Дванаесет години подоцна, време е Македонија да слави нова титула во ЛШ
Пред 12 години Кометал Ѓорче Петров успеа во вториот обид да го освои вредниот трофеј во Лигата на шампионите, а Македонија се радуваше на огромниот успех. Подоцна кометалки играа уште едно финале во 2005 година, но претрпеа два порази од Шлагелсе. Во 2000 година тогашниот македонски првак го играше првото финале во ЛШ, но австрискиот тим Хипо беше подобар и со вкупен резултат од 52-45 го заслужи шампионскиот пехар.
Вардар првпат е на прагот на вредното клупско признание, а ако успее да го освои трофејот во Будимпешта, би бил првиот состав во историјата на луксузното натпреварување што го освоил врвот, а настапил во квалификациите.
Стартот беше во Италија со успешно минати квалификации и победи над домашниот тим Салерно и над Флери од Франција.
Во првата фаза по групи Вардар беше вториот најефикасен тим со 185 погодоци во конкуренција на 16 екипи, а пред македонскиот шампион беа само ракометарките на Ѓер со 192 гола. Вардарки го освоија првото место во групата Д со 5 победи и само едно реми, без пораз.
Контурите на шампионскиот состав беа сѐ појасни, а и во следната фаза девојките во црвено-црна комбинација го освоија првото место со 8 бода, пред Митјиланд, Турингер и Савехоф. Овојпат беше нешто потешко, што е и очекувано во таква конкуренција на екипи што доаѓаат од земји што се велесили во женскиот ракомет, какви што се Данска, Германија и Шведска. Со три победи и по еден пораз и реми, македонскиот тим го заврши циклусот на првата позиција, за пат во Будимпешта на завршниот турнир. Андреа Лекиќ е четврти стрелец со 68 гола, 5 помалку од Анита Горбич од Ѓер.
Вардарки можат да се пофалат со рекордна посета во овој циклус од Лигата на шампионите. Завршниот меч пред настапот на завршниот турнир, против Савехоф, го следеа 6 илјади гледачи во салата „Борис Трајковски“, што е најмногу во ова издание на ЛШ. Арената „Ласло Пап“ во Будимпешта е со капацитет од 12.500 гледачи.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.