Една година од заминувањето на познатиот новинар Никола Младенов. На 27 март 2013 година го загуби животот во сообраќајна несреќа. Неговото возило беше пронајдено на 27 март напладне, а се претпоставува дека несреќата се случила во текот на ноќта. Сѐ уште не се познати детали од несреќата во која животот го загуби познатиот новинар.
Својата новинарска кариера ја почна пред повеќе од 20 години во тогаш можеби најпрогресивниот весник „Млад борец“, каде што прво беше новинар, а потоа и главен уредник. Ја покрена радиостаницата „Либертас“ (едно од првите приватни радија во Македонија). Во јуни 1995 година кога сѐ уште постоеше „Дело“, како неделен магазин, и дневните весници „Нова Македонија“ и „Вечер“, го формираше неделникот „Фокус“ во 1995 година, а по 16 години го формираше и дневниот весник „Фокус“.
Заминувањето на Младенов е непремостлива загуба за македонското новинарство. Секогаш остар на јазик, критички настроен… За својот живот умееше да каже дека не е лесно тоа што го проживеал. Велеше, за разлика од многу новинари, успеал да има и професионална и финансиска сатисфакција од новинарството. Замина задоволен од она што го има. Сметаше дека животот е убав и краток, не вреди да се заморуваме со тоа што другите ќе кажат за нас. Убедуваше дека треба да се радуваме на малите нешта. Често умееше да ја раскаже приказната која ја слушнал од еден пријател. Неговиот пријател му раскажувал дека запознал човек од јужниот дел на Африка, кој секое утро му се радувал на сонцето. Никој не можел да го сфати, но Африканецот имал добра мисла:
„Му се радувам баш затоа што секој ден го има и секој ден го гледам. Замислете утре да го нема…“.
Во едно свое интервју во кое зборува за животот, Младенов вели:
– Што е животот ако нема грешки? Битно е грешките да не ве оневозможат да се дигнете и да продолжите натаму. Битно е да не ве нокаутираат. Накусо, среќен сум што со „Фокус“ си создадовме простор да го кажеме и она што сите го мислат или знаат, а, сепак, од разни причини, го премолчуваат. За мене слободата е врвна вредност. Не можам да замислам да немам можност да го кажам она што го мислам, без разлика дали е точно или не. Не значи дека само јас сум во право, но во тој момент толку знам, тоа го кажувам и убеден сум дека тоа право не смее никому да биде ускратено. За секој човек кој сака да биде човек е битно да може да го каже она што го мисли. Ако јас сум успеал да си го создадам тој простор да можам слободно да мислам, тогаш немам право да бидам несреќен. Кој живот немал непријатни моменти? Која професија немала непријатни работи? Нема совршен пат до нештата. Што би бил животот ако патот до целта е поплочен со светнати мермери? Знаете, важно е дали човек знае да си го потполни времето, дали ќе го најде својот мир. Тоа не е баш едноставно. За жал, понекогаш предоцна сфаќаме дека животот е многу убав, дури откако ќе го загубиме здравјето. Треба да се сочуваат нервите за да не биде предоцна. Не може секого да убедувате и разубедувате. Тешко на оној што сака баш сите да ронат бисери кога ќе му го спомнат името. На крајот на краиштата, човек нема ниту време за недобројни пријателства доколку не решил тие да бидат површни. Оттаму, добро е човек да нема нереални очекувања бидејќи колку се поголеми очекувањата толку поголеми можат да бидат и разочарувањата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.