– Очекуваме продолжување на позитивниот тренд на пораст на нашата економија што за 2013 година изнесуваше 3,1 отсто. Нашите проценки за оваа година засега се дека растот ќе биде зголемен и ќе изнесува околу 3,7 отсто – истакна денеска гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов пред студентите и професорите на Универзитетот на југоисточна европа во Тетово, како и пред повеќе претставници на бизнис заедницата на предавањето посветено на предизвиците на монетраната политика на државата и факторите што влијаат врз нашата економија.
– Има повеќе фактори што влијаат врз проекциите што ние како Народна банка ги правиме двапати годишно, во април и октомври и што ги земаме предвид како што се меѓународните состојби и движење, и движењата и претпоставките за нашата економија. Веќе следниот месец започнуваме со нова рунда на проценки да видиме каде и за колку имаме отстапки од претпоставките и можеби ќе има и ревизија на оваа бројка. Кај инфлацијата проценивме дека таа ќе изнесува 2,3 отсто на годишно ниво и со априлската редовна ревизија ќе направиме проценка и на оваа бројка – изјави Богов.
Како можни ризици што ќе имаат влијание врз прогнозираните бројки за една мала и отворена економија како македонската, гувернерот Богов ги посочи меѓународните случувањата и особено кризата во Украина и односите помеѓу Русија и западните сојузници.
– Тамошните случувања веќе предизвикаа мал пораст на цените на пченката и пченицата и доколку дојде до ескалација на состојбите и меѓусебни трговски ембарга помеѓу Русија и Западот можен е пораст и на цената на нафтата и оценувањата за пораст на економијата во ЕУ од 1 отсто да бидат намалени што секако ќе има одраз и на нашиот извоз кој главно оди во земјите на ЕУ – рече Богов.
По завршувањето на своето излагање гувернерот Богов одговараше на прашања на студенти околу монетарната политика, курсот на денарот, движењата во банкарскиот сектор, кредитирањето на населението и можностите за насочување на кредитирањето кон корпоративниот сектор.
Според ректорот на УЈИЕ Замир Дика, заедничка констатација на присутните е дека НБРМ сега е поотворена кон јавноста што го докажува и денешното предавање на гувернерот пред студентите кои пак имаа можност во директен контакт со него да слушнат дел од искуствата, видувањата и расудувањата на вистински професионалец во својата област.
Дика најави дек ќе продолжи трендот на вакви предавања од експерти од разни области пред студентите и професорите на овој Универзитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



