
Доајенот на македонското глумиште, актерката Мери Бошкова, почина во Скопје, непосредно пред нејзиниот 90. роденден.
Бошкова, која беше родена во Битола на 2 мај 1924 година, ќе остане запаметена по насловната улога во првиот македонски долгометражен филм „Фросина“ (1952), како и во првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ (1961). Она што најмногу ја одвојува и по што ќе се памети Бошкова е улогата на Живка во комедијата на Бранислав Нушиќ, „Госпоѓа Министерка“, која ја играше на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје. Нејзината креација на Живка се вбројува меѓу најдобрите улоги на југословенската сцена.
Освен улогата на Живка, која ја одбележи нејзината богата и успешна кариера, Бошкова ќе остане запаметена и по ликот на Дездемона на Шекспир, потоа Бароница Кастели во „Господа Глембаеви“, „Нора“ од Ибзен…
Освен во театарот, таа беше активна и во радиодрамата, ТВ-драмите, како и на филмот. Глумеше во филмот на Димитрие Османли, „Ангели на отпад“. Последна улога и беше во 2003 година во „Црна дупка“ на Горан Стефановски, во режија на Сашо Миленковски.
Добитничка е на најголемите признанија во нејзината богата актерска кариера: Награда 11 Октомври (1967 и 1980); Награда за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ за улогата на Живка во претставата „Госпоѓа Министерка“ (Прилеп, 1977); Стериина награда за најдобро актерско остварување на фестивалот „Стериино позорје“ за улогата на Мадам Дибуа во претставата Еригон (Нови Сад, 1982); Награда на Град Скопје 13 Ноември (1984); Награда за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1989); Награда на ревијата „Екран“ за најдобро остварување на филм за улогата на Мими во филмот „Ангели на отпад“, во режија на Димитрие Османли (1995).
Речиси една деценија живее и твори во драмата на Народно позориште во Белград, каде што се прославува со „Коштана” од Б. Станковиќ, „Тетовирана ружа“ – од Т. Вилијамс и др.
Погребот ќе биде извршен утре, на 27 март, на Светскиот ден на театарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


