Претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од Граѓанската опција за Македонија, Српската напредна странка, Партијата на слободни демократи и Титовите леви сили, Зоран Поповски, вечерва се обрати на централниот митинг кој се одржа на платото пред трговскиот центар „Лептокарија“.
Тој нагласи дека од победнички Карпош, храбро тргнуваат во победничка Македонија.
– Повторно, ова е местото од кое почнуваат суштински промени во политичкиот живот на нашата држава. Иницијатива која беше управувана и водена од самите граѓани на Република Македонија. Денес, продолжуваме по истиот пат. По огромната поддршка од нашите сограѓани, се роди оваа идеја која во својата суштина значи фокус кон граѓаните, наспроти политичките партии – посочи Поповски.
Тој вети дека ќе го заштити името и идентитетот на нашата држава, но притоа не нарушувајќи ги односите со нашите соседи.
Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, пак, нагласи:
– Да го поддржиме новиот процес во Република Македонија. Да создадеме услови за развој на младите луѓе. Оваа партија е направена пред сѐ за нив. Секој оган започнува од една искра. Тој оган започна да тлее уште во мај, минатата година. Токму затоа се собравме оваа вечер, да го разгориме огнот кој треба да ги стопли сите домови, сите срца во Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.