Рускиот бизнисмен Михаил Прохоров се соочува со проблеми по најавата на САД за санкции кон неговата земја, а во центарот на вниманието е НБА-тимот Бруклин нетс.
Прохоров го има главниот пакет-акции во Нетс што се купени преку американска компанија, а според најавите ќе има релокација во Русија. Американците најавија дека ќе ги замрзнат сите сметки и недвижнини на руските бизнисмени што се блиски до режимот на Владимир Путин.
Од руска страна има спротивни најави, а претседателот Путин ги повика сите свои сонародници да го префрлат капиталот од САД во Русија како дел од стратешката битка против Американците.
– Руска компанија ќе биде сопственик на Бруклин нетс. Оваа одлука не ги прекршува американските закони, а ќе биде во согласнот со законите во мојата земја Русија – вели Прохоров.
Интересно е што рускиот тајкун во 2012 година на претседателските избори беше на спротивната страна од Путин, но најави дека, без разлика на сѐ, го почитува актуелниот претседател на Русија.
Од НБА изјавија дека немаат добиено никаков документ за трансфер на релација САД – Русија кога е Бруклин во прашање.
Прохоров е еден од најбогатите Руси со богатство што се проценува на 10,3 милијарди долари, а го купи Бруклин и е единствен сопственик на НБА-клуб што плаќа такса на луксуз. Со ангажманот на неколку скапи НБА-ѕвезди тој ја надмина дозволената граница на годишни примања на кошаркарите во висина од околу 54 милиони долари и мора да плаќа дополнителен данок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.