Амбасадата на Австрија во Скопје, со поддршка на Францускиот институт во Скопје, утревечер со почеток во 20 часот, организира концерт на оргули во Католичката црква „Пресвето срце Исусово“.
Како знак на поврзаноста на Австрија со франкофонската култура, австриската амбасада во Скопје и оваа година учествува во одбележувањето на Месецот на франкофонијата во Македонија. Додека во изминатите години заедничките допирни точки на двете култури се пронаоѓаа во филмот, оваа година двајца млади австриски музичари, Симон Хаметнер и Михаел Мајер, ќе изведуваат музика од франкофонски земји на единствените оргули во Македонија, кои се наоѓаат во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“.
Тие ќе се претстават со делата на белгискиот композитор од 19 век Цезар Франк, на францускиот ренесансен мајстор Пјер ди Маж, како и на француските композитор од минатиот век Жан Лангле, Јехан Ален и Оливер Месијан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.