| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје и Прилеп беа домаќини на карванот на „Матица“ – „ Читај повеќе – читај секаде!“

„За тебе љубов моја“…Весна Бејби преку легендарната поема на Жак Превер, нејзиното омилено дело, се потсети на средношколските денови и го започна викендот на љубов и поезија во „Сигма Џулери“. Во знак на одбележување на Светскиот ден на поезијата „Сигма Џулери“ заедно со Клубот Матица го одбележи празникот на поезијата и притоа покажа огромна поддршка кон македонските автори, македонските дела и проектот „Читај повеќе – читај секаде!“.

Викендов Скопје и Прилеп беа домаќини на карванот на Матица, „Читај повеќе – читај секаде“, на кој многу еминентни поетски имиња интерпретираа свои дела пред многубројната публика, се дружеа со истата и го одбележаа Светскиот ден на поезијата. Компанијата „Сигма Џулери“ беше креатор на ова случување, а во склоп на истото подари над 200 книги од домашни автори на посетителите.

На настанот во Скопје покрај Весна, посетителите можеа да уживаат во делата на поетесите Александра Велинова и Ирена Ристевска, како и писателот Георги Барбаровски и Кочо Топузовски.

Во Прилеп, пак, настанот го отвори Златко Карчески од бендот „The Hounds“, а продолжи со читање поезија од страна на младата поетеса Ивана Канго, доајените од поетската фела од Прилеп – Василе Димески и Петре Башески, како и младиот прилепчанец Филип Димкоски, кој истакна дека секој ден го поминува со најверниот пријател – книгата. Манифестацијата заврши со читање поезија од страна на Раде Силјан, актуелен претседател на Друштвото на писатели, а потоа прилепчани имаа можност да се дружат со авторите и секако да добијат бесплатно книга.

Оваа активност е само една од низата, со која тимот на „Матица“ и македонските компании, имаат за цел да ја променат матрицата на размислување кај јавноста, за значењето на македонските дела и за неопходната потреба од книгата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top