Црвен крст на Македонија вторпат се вклучува во акцијата „Часот на планетата Земја“, кој преку своите 34 општински организации и Црвениот крст на Скопје ќе ја обедини моќта на своите млади волонтери, со што ќе се покаже волонтерскиот карактер на оваа светска акција за спас на планетата Земја.
– Во наведениот час во соработка со локалните самоуправи, организации и институции ќе се иницира исклучување на осветлувањето, а волонтерите на клубот на млади ќе стојат со запалени свеќи. Преку социјалните мрежи и за време на активностите на клубовите на млади на Црвениот крст дополнително ќе се промовира иницијативата за заштита на животната средина и одбележување на Часот на планета Земја – изјави Али Самет, претставник од Црвен крст на Република Македонија.
Воедно, оваа година волонтерите на Црвен крст на Република Македонија се суперхерои за планетата Земја во акцијата „Часот на планетата Земја во Македонија“ затоа што нивната мисија е херојска, да помогнат да се спаси Земјата.
– Црвениот крст на РМ е наш редовен пријател во активностите поврзани со „Часот на планетата Земја“ и морам да нагласам дека само Македонија е единствена од 154-те земји-учеснички во акцијата која соработува со Црвениот крст и поради тоа нашата акција секога година се разликува од останатите низ светот, односно ја прави посебна. Волонтерите на Црвен крст ја покажуваат нивната херојска мисија во оваа акција и затоа тие се нашите суперхерои за планетата Земја – посочува главниот организатор на акцијата, Ѓорги Селков.
Акцијата „Часот на планетата Земја“ е поддржана и од Министерството за животна средина и просторно планирање како официјален координатор за климатски промени во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.