| четврток, 6 декември 2018 |

Филе: ЕУ подготвува трета фаза санкции кон Русија

Земјите на Европската унија подготвуваат следна фазаа санкции кон Русија, кои би требало да имаат економски ефект, изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе за Чешката државна телевизија.

ЕУ, како и САД, веќе воведе санкции, замрзнување на странските банкарски сметки и забрана на влез на својата територија кон конкретни лица од Русија и од Крим, кои се одговорни за референдумот за приклучување на украинската автономна република кон Руската Федерација.

Според Филе, како што јави дописникот на МИА од Прага, санкциите кон Русија немаат цел да ја казнат земјата, туку да ја принудат кон преговарачката маса.

– Јас мислам дека целта на санкциите е да се вратиме кон преговарачката соработка и кон напорите за наоѓање мирно решение. Примарна цел на санкциите не е да казнуваат туку се средство за постигнување на целта и заедно со дипломатијата да обезбедат простор за мирно решение – рече Филе.

Драматичната ситуација во Украина, според Филе, нема да се реши за неколку месеци затоа ЕУ и остава простор на Русија да седне на преговарачка маса.

– Во третата фаза на санкциите од страна на ЕУ јасно се дава до знаење дека може да дојде до поголеми последици кои ќе имаат економски ефект. А во тие рамки постојат многу чекори кои можат да се преземат според потребите, додаде комесарот на ЕУ, не сакајќи да одговори конкретно кои се предвидувањата на ЕУ за можниот развој на понатамошната ситуација.

Филе оцени дека европските санкции во третата фаза би се примениле во наредните денови или недели.

– За нас, руските чекори во последните недели се потполно изненадување. Посебно бидејќи доаѓаат од партнер кој долго време се криеше зад меѓународното право и го користеше како алиби за редица свои специфични чекори. Сега дојде до ситуација кога меѓународното право го толкува и „силува“ како што сака – вели Филе.

Во врска со почнувањето на процесот за потпишување на Спогодбата за асоцијација кон ЕУ, која би ѝ донела економски погодности на Украина, Филе коментираше дека завршувањето на овој процес нема да значи предност за Крим при трговијата со ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top