
– Знаеме каде одиме, што сакаме. Држава и економија за нови работни места. Македонија како дом во кој се гради благосостојба за сите – истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на претставувањето на неговата програма за претстојните претседателски избори.
Тој нагласи дека силата на Македонија е во нејзината отвореност и поврзаност.
– Водиме политика која дава резултати, создаваме нови партнерства. Македонија е кандидат за влез во НАТО и во ЕУ и подготвена е за соработка. Продолжувам со отворена политика на глобално и европско ниво. На блокадите од јужниот сосед одговараме со подготвеност за дијалог, водени од државните интереси и универзални принципи на правото. Македонија се потпира на силата на аргументите, на меѓународните човекови права и човечко достоинство – истакна Иванов.
Тој додаде дека како претседател ќе продолжи со напорите за интегрирање на Македонија во ЕУ и во НАТО, истакнувајќи дека Македонија е одговорна држава која сериозно ги сфаќа обврските.
– Прифаќаме конструктивни совети од партнерите, но никој не знае подобро од нас што е најдобро за нас. Додека се движиме кон членство во ЕУ, решени сме сами да ја создадеме Европската унија во Македонија – заклучи Иванов.
Актуелниот претседател на Република Македонија, а кандидат за втор претседателски мандат, истакна дека тајната на остварување на целите е соработката со Владата, градоначалниците, стопанствениците, спортистите, медиумите, волонтерите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


