Реал и Барселона вечерва од 21 часот на „Сантијаго Бернабеу“ по 168. пат ќе се сретнат во шпанската Примера. „Сударот на титаните“ ќе биде еден од најдобрите натпревари бидејќи може да го одлучи шампионот во Примера дивизион.
Реал моментално е прв на табелата со 70 бода, додека, пак, Барселона е на третото место со четири бода помалку.
Реал и Барселона досега во сите натпреварувања одиграле 258 дуели, а Каталонците биле поуспешни – забележале 106 победи, додеа, пак, Реал 94, без победник одиграле 58 натпревари.
Тимот на Херардо Мартино постигнал и повеќе голови – 446, додека екипата од Мадрид 421, а Каталонците можат да се пофалат и со повеќе победи на гостински терен.
Сепак, статистиката не мора да значи ништо. Експертите тврдат дека „кралскиот клуб“ не бил поподготвен за титула, што, практично, би значело дека доколку го добијат „Ел Класико“ можат да почнат со славење на титулата.
На друга страна, пак, играчите на Барселона признаваат дека оваа година не играат како минатите сезони, но велат дека полека почнуваат да играат во препознатливата победничка форма.
Во последните десет натпревари на овие два тима, од 18 јануари 2012 година, Реал бил поуспешен. Запишал четири триумфи, додека Барса само три, а исто толку натпревари завршиле со нерешен резултат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



