| четврток, 6 декември 2018 |

Странските експерти во домашните компании можат да донесат само позитивни ефекти

Првите експерти- практичари кои ќе им помагаат на македонските компании веќе се во Македонија

ekspert

Позитивните искуства на компаниите и задоволството на експертите, како и веќе видлите резултати, се доказ за успешноста на огласот распишан од македонската Влада за привлекување на странски експерти – практичари со меѓународно реноме, кои со своето знаење ќе им помогнат на домашните компании.

Првите експерти- практичари кои ќе им помагаат на македонските компании веќе се во Македонија.

-Ние цениме дека овој проект е еден многу значаен проект кој дава добри резултати за самите компании, впрочем и самиот нивен одглас кој го добиваме е таков, дека овие експерти кои биле веќе кај нив, помагаат за остварување на подобра профитабилност во рамките на самите овие компании. Согласно динамичкиот план, на секои 45-60 дена, во Македонија ќе присуствуваат по 15-тина странски експерти. Во еден догледен период од една година, треба да поминат сите оние 100 компании кои изразија интерес на отворениот владин оглас. Досега во Македонија беа експерти од информатичката, прехрамбената индустрија. Сега сме во исчекување на оние експерти кои ќе дојдат и ќе работат во компаниите од областа на туризмот, производството, градежништвото, прехрамбената индустрија. Очекуваме дека со нивните совети, како и оние во минатото што ги даваа на нашите компании, ќе се придонесе за дополнителен раст на самата дејност на претпријатието, за подобра профитабилност, ефикасност и продуктивност во секој аспект на функционирање на претпријатието, рече портпаролот на македонската Влада, Александар Ѓорѓиев.

Јуриен Лози е експерт од Холандија кој е еден од координаторите на ПУМ, проект за испраќање на експерти денеска ја посети македонската компанијата „Чеза Комерц“ .
Лози има долгогдишно искуство во пекарската индустрија, а 17 години работел и во Хајнекен. Тој е координатор на експертите од пекарската-кондиторска индустрија и негова задача е да направи скрининг во македонските компании и да види за какви експерти имаат потреба македонските компании. Во Македонија ќе престојува една недела и ќе посети четири компании.

– Во Македонија ќе посетам 4 компании. Македонија е мала земја, исто како и Холандија. Во компаниите најчесто има потреба да се работи на извозот и продажбата – вели Лози.

Компанијата „ Чеза Комерц“ што ја посети холандскиот експерт е компанија за доработка и пакување на зрнести производи и семенски материјали. Има 68 вработени со капацитет за проширување на производството.

– Ја поздравуваме кампањата на Владата на Македонија за донесување на странски експерти кои што ќе помогнат во подигање на стандардите на производството во земјата, но и носење на нови технологии. Македонија е мала земја и ако компанијата не се базира на извоз на производите кои се произведуваат тука нема да може да се смета на понатамошен раст и успех. Се надеваме дека ќе најдеме експертите кои ќе ни овозможат да добиеме нови знања кои што ќе ни овозможат да влеземе во еден нов инвестициски циклус , а тоа е пекарството – изјави Роберто Павлов косопственик на „Чеза Комерц“.

Пред една недела, беше презентиран уште еден пример за успешна реализација на овој повик.

Јохан Дитрих по 20 години дојде во Македонија. Тој е експерт во пензија, кој на доброволна база дојде да понуди стручна помош на македонска компанија. Дојде од Германија да работи и помогне во Infinite Solutions. Има исклучително богата кариера, работел во компании со околу 2000 вработени токму во ИТ секторот. Има искуство токму во она со што работи оваа компанија- менаџмент консалтинг, човечки ресурси и продажба и маркетинг.

Компаниите во рамките на овој проект имаат минимални трошоци кои што се состојат само во покривање на трошоците за експертот во Р.Македонија во поглед на неговото сместување.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top