Министерот за труд и за социјална политика, Диме Спасов, ги посети пензионерите што престојуваат во Дебарски Бањи Цапа (Бањиште), во рамки на проектот „Бањско-климатска рекреација“.
Пензионерите на средбата со министерот посочија дека се задоволни од условите во кои престојуваат и дека во најголем дел од нив, досега не можеле да си дозволат престој во бања. Тие му пренесоа на министерот дека би сакале што повеќе пензионери да имаат можност да бидат дел од овој проект.
Спасов по средбите со пензионерите посочи дека бањско-климатската рекреација го постигнува ефектот. Додаде дека проектот е дел од програмата на Владата за 2011-2015 година, во областа социјална политика – Достоинствен живот на пензионерите и дека средствата за овој проект се обезбедени со Буџетот за 2014 година. Проектот се реализира веќе петта година и дека оваа година 5500 пензионери ќе ја искористат оваа бесплатна услуга, која се состои од 6 полни пансиони, бесплатен превоз, здравствени прегледи и бањски третмани.
Спасов посочи дека изминатите години, со овој проект беа опфатени над 22 илјади пензионери, а и дека во континуитет ќе продолжи и наредните години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.