| четврток, 6 декември 2018 |

ОБСЕ испраќа набљудувачка мисија во Украина

osce obse

Членките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) постигнаа денеска договор за испраќање набљудувачка мисија во Украина, но не и на Крим, изјави портпарол на ОБСЕ, додавајќи дека и Русија се согласила со ваквата одлука.

– ОБСЕ ќе распореди специјална набљудувачка мисија во Украина – се наведува во одлуката усвоена од 57 членки на организацијата.

Мисијата првично ќе има 100 набљудувачи, а „по потреба и зависно од ситуацијата може да биде проширена со уште 400 дополнителни набљудувачи“.

Целта на оваа одлука е ОБСЕ во соработка со другите релевантни актери на меѓународната заедница, како што се ОН и Советот на Европа, да придонесе за намалување на тензиите и унапредување на мирот, стабилноста и безбедноста, се наведува во соопштението.

Мисијата на ОБСЕ ќе биде распоредена во рок од 24 часа и ќе има мандат од шест месеци, кој може да биде обновен по барање на Украина или со одлука од Постојаниот совет на ОБСЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top