| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се отворат аптеки и во руралните средини во кои живеат до 3.500 жители

todorov 2

Сопствениците на две или повеќе аптеки во една иста општина, или на пет или повеќе аптеки на територијата на Македонија ќе имаат обврска да отворат аптека или аптекарска станица во рурално подрачје, каде што живеат до 3.500 жители и досега немало интерес за отворање на аптека, покажуваат најновите измени на Законот за лекови и медицински помагала, најави денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

Со овие законски измени се овозможува во аптеката да работи само фармацевтски техничар, а ќе се обезбеди и доделување на 73 лиценци за отворање нови аптеки.

Од оваа мерка корист ќе имаат околу 120 илјади жители, кои се опфатени во 42 општини и 73 села, кон кои гравитираат уште стотина села со вкупно 320 илјади жители.

Мерката, како што нагласи, е со цел засилување на фармацевтската мрежа на цела територија на Македонија, со акцент на руралните подрачја во државата и додаде дека проектот е комплементарен двата крупни проекти „рурален доктор“ со кој се опфатени 360.000 жители и подвижни аптеки, кој беше изминатиот период најавен, за рурални средини до илјада жители, со кој се опфатени 260.000 жители.

Со овој трет проект за отворање аптека или аптекарска станица во рурално подрачје се заокружува целиот систем за подобрување на примарната здравствена заштита во рурални области и за навремено обезбедување соодветната терапија за населението од руралните подрачја во државата.

– Во сите села каде ќе се издадат лиценци за аптекарски станици, постојат и пунктови за рурален доктор што се опфатени со проектот на Министерството. Услови за отворање аптекарска станица е да се обезбеди простор согласно Правилникот за простор опрема и кадар, каде што се опишани условите и меѓу другото потребно е да има посебна просторија за чување лекови (магацински простор), каде што ќе се издаваат лековите и посебна опрема за чување наркотични средства, ладилник, како и читач за електронска картичка за секој шалтер на кој се издаваат лековите – рече Тодоров.

Во овие рурални подрачја, како што нагласи тој, ќе има аптекарски пункт, каде ќе има можност лековите да ги издава фармацевтски техничар, а еднаш во неделата ќе врши надзор дипломиран фармацевт за преглед на препишаните и издадени лекови во таа недела.

– Се работи за поставување правен систем кој придонесува за подобра здравствена заштита на примарно ниво во руралните подрачја во државата кои досега не беа соодветно покриени со аптеки- рече Тодоров.

Тој очекува по завршување на процедурата во наредните три месеци, да се отворат овие пунктови во руралните средини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top