| четврток, 6 декември 2018 |

Оперски концерт во Центарот за култура во Tетово

Со изведба на познати арии и дуети на реномирани солисти од Македонија, Албанија и од Косово, синоќа во преполната сала на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово концерт одржа оркестарот при Македонската опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Пред  почетокот на концертот, пред многубројната публика се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалничката на општина Тетово,  Теута Арифи.

08 Tetovo gala koncert MOB

Министерката за култура во своето обраќање истакна дека концертот е одлична можност за репертоарот на оваа национална институција да се доближи до тетовската публика, што е потврда на  заложбите за поттикнување на рамномерн културен развој и достапност на културните програми за сите граѓани на Република Македонија.

– Градот Тетово е еден од поголемите културни центри во нашата држава, во кој традицијата и културата се негуваат со особено внимание. Токму затоа, настојуваме, преку поддршката на програмите на нашите институции, на граѓанските здруженија и истакнатите уметници, да го збогатиме културното живеење во оваа општина, да ја поттикнеме регионалната соработка во функција на остварување на квалитетна културна понуда – истакна Канческа-Милевска.

010 Tetovo gala koncert MOB

Министерката за култура подвлече дека Министерството за култура и во иднина  ќе продолжи преку поддршка на квалитетни проекти да дава придонес во афирмацијата на културата и на културниот развој на градот Тетово, но и на  сите други општини во државава.

Гала-концертот на Македонската опера и балет, на кој настапија  солистите Славица Петровска-Галиќ, Шкодран Толај, Едит Михали и Владимир Саздовски, беше во организација на Министерството за култура и на Здружението за култура, уметност, спорт и рекреација „Артал“ од Тетово.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top