Егото на Жозе Мурињо и на Златан Ибрахимовиќ ќе биде на тест во четврт-финалниот двомеч од Лигата на шампионите меѓу Челси и Пари Сен-Жермен. Кој е посамобендисан, ќе се знае по дуелите во Париз на 2 април и во Лондон една недела подоцна.
Ваква е најавата во англиските медиуми за суперинтересниот двомеч меѓу Челси и ПСЖ. И Мурињо и популарниот Ибракадабра често знаат да реагираат неочекувано, надвор од вообичаените шаблони и ќе биде интересно да се следи и нивниот дуел, поточно кој ќе биде поуспешен.
И двајцата се почитуваат, беа заедно во Интер, а Златан и Жозе постојано го потврдуваа меѓусебниот респект. Но, сега ќе бидат на различните страни и ќе бидат во фокусот на вниманието на мегадвомечот меѓу клубот од Лондон и „светците“ од Париз.
Двете екипи играа меѓусебе во фазата по групи од ЛШ пред 10 години и тогаш Челси беше поуспешен и победи во Париз со 3-0, а одигра нерешено без голови на „Стемфорд бриџ“. Интересно е што Мурињо истата година од Порто пристигна во Лондон и го презеде Челси и ги памети тие два дуели.
– Тоа е далечно минато и ќе нема никаква врска со сегашните два меча. Челси има тежок противник, но денеска и немаше избор, ниту лесни ривали – изјави Мурињо.
И останатите три двомечи ќе бидат интересни. Дуелите меѓу Баерн и Манчестер јунајтед секогаш се европска класика, а прво на што ќе се сетите веројатно е финалето од 1999 година. На „Камп ноу“ во Барселона Баварците беа подобриот тим, водеа со 1-0 до 91 минута со голот на Марио Баслер, но тогаш се случи чудо.
„Црвените ѓаволи“ од Манчестер со два гола на Шерингам и на Солскјер во првата и третата минута од судиското продолжение направија невиден пресврт и ја освоија титулата.
Мошне атрактивна ќе биде пресметката меѓу ултраофанзивните екипи на Реал Мадрид и Борусија Дортмунд. Кралскиот клуб сака да ја освои јубилејната десетта титула во лускузното натпреварување, а Борусија има цел, да го направи решавачкиот чекор и да се искачи повторно на европскиот врв. Лани ги сопре Баерн на последното скалило во фналето со победа од 2-1.
Последниот четвртфинален двомеч ќе го играат шпанските екипи Барселона и Атлетико, што им гарантира на Шпанците барем еден клуб во полуфиналето. Фаворит е Барса, но Атлетико сезонава знае како да се справи со на хартија подобрите од себе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.