Во Сирија, освен возрасни албански државјани, има и 31 малолетници, оставени на милост и немилост, објавува тиранскиот весник „Панорама“, повикувајќи се на албанската тајна служба ШИШ и на Обвинителството за тешки кривични дела.
Според весникот, на боиштата во Сирија има најмалку 90 возрасни, но и 31 дете, главно на возраст до десет години. Од истрагата е потврдено дека најмалото албанско дете кое завршило во Сирија е двомесечно дете на Кренар Шули, каде се и неговата сопруга и другите две деца. Друг случај е оној на Шкелзен Думани, по кого албанската полиција има распишано меѓународна потерница за регрутирање и испраќање лица на боиштата во Сирија, кој со измама добил потпис од сопругата и во Сирија ги одвел двете деца, стои во написот на „Панорама“.
Според истиот извор, татковците на тринаесет од децата се убиени или се водат како исчезнати, а тие таму се оставени на милост на судбината. Момчињата се обучуваат за џихад додека девојчињата во камповите каде им се дава здравствена помош на повредените. Во написот под наслов „Регрутација, во Сирија 31 албански малолетник“, стои дека децата за Сирија патувале со родителите, главно со нивните татковци, но во неколку случаи и со мајките, откако претходно татковците ќе стигнеле во Сирија.
Неодамна албанската полиција уапси седуммина, а по уште седум има распишано меѓународна потерница, под обвинение дека регрутирале и испраќале албански државјани на боиштата во Сирија. Меѓу уапсените се и самопрогласените имами, Генци Бала(35) од џамијата„Нов прстен“ во Тирана и Бијар Хиса(43) од џамијата во селото Мезез, кои се сметаат за главни организатори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.