Украинската криза веќе еден месец е главна тема во сите светски медиуми, а според развојот на настаните, сигурно ќе го задржи вниманието на јавноста и во периодот што следува. Нема место во светот каде што не беа видени насилствата во Киев и тензиите на Крим, но ужасните слики што стигнуваа оттаму различно се доживуваа во Русија и во САД. Причината за едностраното информирање лежи во жестоката пропагандна војна што се води паралелно со дипломатската меѓу двете големи светски сили. Големите медиумски куќи не само што ѝ сервираат на својата публика еднострана слика за настаните, туку и пласираат многу невистини и полувистини за причините и за последиците од кризата со што свесно влијаат врз размислувањата на јавноста, но и на одговорните политичари во земјите. Додека медиумите на двете страни од светот претставуваат различни „вистини“, истовремено се обвинуваат меѓу себе дека вршат пропаганда и дека ја лажат јавноста.
„Руската пропаганда е преголема и за советски услови“
Повеќето реномирани американски медиуми во однос на украинската криза ја следат официјалната политика на Белата куќа, па така нивните анализи се во насока дека руските медиуми, предводени од државната телевизија, биле тенденциозни кога Западот го претставувале како „непријател и главен виновник за случувањата во соседството“.
„Нивото на руската пропаганда е огромно дури и за советски услови. Фактите се извртуваат, се прикажуваат видеоснимки од Украинци што ја поминуваат границата со Полска, а се кажува дека бегаат во Русија, на демонстрантите им се даваат сурови епитети и се нарекуваат неонацисти… Чудно е како масивната пропаганда за дејствата на Русија во Украина има толку голема моќ во време кога пристапот до интернет требаше да го намали влијанието на медиумите контролирани од државата“, пишува „Њујорк тајмс“.
Влијателниот весник за потврдување на својата теза ги користи и ставовите на претставници од руската опозиција, како што е познатиот руски писател Борис Акунин, кој тврди дека Кремљ на интернет има многу слаба поддршка за својата политика кон Украина.
– Не треба да ве збунуваат двете различни Русии: „телерусија“ и „интернетрусија“. Првата претежно не е заинтересирана за политика. Таму се „голта“ сѐ што ќе се сервира, но тие луѓе се политички пасивни. Втората Русија е претежно против Путин – токму поради слободниот проток на мислења и на информации за мрежата – смета Акунин.
Известувањата за случувањата во Украина слично се анализираат и во Канада. Медиумите и во оваа северноамериканска држава вината за ваквиот начин на различно гледање на ситуацијата со украинската криза ја посочуваат во Кремљ, кој „ги контролира медиумите не само во Русија туку и во околните држави“.
„Ние во северна Америка и во другите западни земји ја гледаме ситуацијата во Украина на еден начин, претежно оправдувајќи ги демонстрациите и соборувањето на лидерот-тиранин, како и дека Русија користи несоодветна голема сила за да го наметне своето влијание. Но работите се гледаат поинаку во Русија и во другите советски држави“, анализира канадската „Си-Ти-Ви њуз“.
Американците го демонизираат Путин
Едностраниот пристап во известувањето се забележува и од другата страна на Земјината топка. Руските медиуми на сличен начин ја претставуваат работата на нивните американски медиумски куќи. Германскиот новинар Мануел Очсенреитер за „Раша тудеј“ тврди дека е во тек силна пропагандна војна, која е многу опасна и не може да се сопре.
– Пропагандната војна веќе е во тек. Не може да се сопре олку голема медиумска пропаганда. Гледаме многу лаги што се прикажуваат во медиумите. Многу загрижувачки факт е дека овие медиумски лаги влијаат на размислувањето и на расудувањето на јавноста и на политичарите. Овој пример го знаеме од случајот со Сирија, кога политичарите донесуваа одлуки врз база на шпекулации. Многу е опасно ако Вашингтон не промени нешто – вели Очсенреитер.
Според него, целиот украински конфликт не е ниту за демократија, ниту за олигарсите и за политичките партии во Украина.
– Ова е чисто геополитички конфликт. Ако некој применува моќ на нелегален начин, а е прозападна или западна земја, тогаш тоа ќе се почитува. Но, ако истото се случи од земја од спротивната страна, западните земји ќе почнат да се закануваат со воени интервенции. Значи, сѐ е поврзано со позицијата на власта. Сѐ додека режимот е на страната на Западот и додека бара помош оттаму, Западот ќе ја третираа таа влада како легална – вели тој.
Исклучоците се ретки
Иако се многу поретки, постојат новинари што не согласуваат со политиката на своите медиуми и влади. Американските новинари Џосеф Кишор и Дејвид Норт тврдат дека во американските весници и електронски медиуми се врши демонизација на Русија.
– Дејствата на Русија се портретираат како олицетворение на злото. Нејзиниот претседател Владимир Путин е лично ѓаволот – велат тие.
Во нивната анализа се додава дека во поголемиот дел од медиумите во САД историската заднина, која е во основата на дејствата на Русија во Украина, останува без внимание. Така, според овие аналитичари, вистинската цел што стои зад американската пропагандна кампања е да се влијае на јавното мислење за почнување нова војна, овој пат со Русија, а во исто време да се заплашува американскиот народ со руската закана. Авторите заклучуваат дека пропагандата ќе доведе до „катастрофална“ војна, па затоа треба јавно да се изложат „медиумските лаги“. Американската новинарка Аби Мартин, пак, која работеше за редакцијата на руската телевизија „Раша тудеј“ во Вашингтон, даде отказ во емисија што се емитуваше во живо во знак на протест поради интервенцијата на Русија на Крим, но подоцна го коригираше својот став споредувајќи ја ситуацијата во нејзината телевизија со таа на американските медиуми од времето на војната во Ирак.
– Во „Раша тудеј“ имав целосна уредничка независност, а мојата проруска линија во известувањето не беше ништо поинаква од која било друга корпоративна медиумска куќа – изјави Мартин.
Политичкиот социолог Френк Феруди смета дека постои големо непочитување на новинарските стандарди при информирањето за случувањата во Украина од двете страни.
– Има недостиг од сочувство или разбирање, од двете страни, без оглед како ги интерпретирате настаните во Украина. Постои огромно слабеење на новинарските стандарди. Сѐ почна пред неколку месеци, кога имаше многу малку дискусија за тоа што, всушност, се случува во Украина, затоа што целата украинска приказна беше претставена со јазикот на исправното и на погрешното – вели Феруди.
(Пишува: Ненад Мирчевски
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


