Турција го забрани пристапот до „Твитер“ само неколку часа откако премиерот Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ја „искорени“ таа социјална мрежа и во момент кога Владата се соочува со корупциски скандал на само 10 дена пред локалните избори.
Многу корисници кои денеска се обиделе да влезат на „Твитер“ се соочиле со соопштението на телекомуникациските власти во кое се наведува дека веб-сајтот е блокиран по судска наредба.
– Ќе го искорениме „Твитер“. Не ме интересира што вели меѓународната заедница. Секој ќе ја види моќта на Турската Република – изјави вчера Ердоган на предизборен митинг во Бурса, десет дена пред локалните избори.
Неговата закана уследи само две недели откако најави дека ќе ги забрани „Фејсбук“ и „Јутјуб“, „ако е неопходно“.
Турскиот телекомуникациски регулатор БТК соопшти дека е блокиран „Твитер“ бидејќи граѓани се жалеле на тоа дека социјалната мрежа крши приватност. Тие претходно побарале повлекување на одредени содржини и линкови од мрежата, но тоа не било направено, наведува БТК.
– Бидејќи нема друг избор, пристапот до „Твитер“ е блокиран во согласност со одлуката на Судот за да се избегне можна нова виктимизација на граѓаните – се вели во соопштение.
Од „Твитер“ им испратија порака на турските корисници со инструкции за тоа како да продолжат со пораки на „Твитер“ преку СМС од мобилни телефони. Во Турција има повеќе од 10 милиони корисници на таа мрежа.
Во изминатите неколку недели на интернет се објавени снимки од телефонски разговори, вклучително и таа на која премиерот на својот син му кажува како од домот да изнесе поголема сума пари на денот на полициската операција на 17 декември, со која во земјата почна голема истрага за корпуција.
Ердоган изјави дека снимката е фалсификувана и тврди дека „исфабрикуваните“ снимки закачени на интернет, се дело на следбениците на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во прогонство во САД, и дека имаат за цел дискредитација на Владата.
Во обид да ја смири тензичната ситуација, претседателот на Турција, Абдула Ѓул, потенцираше денеска дека е недозволиво да се наложуваат целосни забрани на социјалните мрежи.
Ѓул напиша на „Твитер“ дека само лични веб-страници би требало да се блокираат, ако судот утврди дека неприкосновеноста на личниот живот била нарушена. Тој додаде дека се надева оти блокирањето на пристапот до „Твитер“ нема да трае долго. „Ѓул“ изгуби 80.000 свои „следбеници“ на „Твитер“ во минатиот месец откако државата го усвои законот за рестриктивни мерки на интернет.
Од друга страна, комесарот на ЕУ за проширување, Штефан Филе, изрази денеска загриженост поради блокадата на „Твитер“ во Турција.
– Слободата на комуницирање и слободата на избор на средства за комуницирање е суштинска вредност во ЕУ – напиша Филе на „Твитер“.
Опозициската Републиканска народна партија соопшти дека правно ќе ја оспорат судската одлука за блокирање на пристапот на „Твитер“. Од партијата најавија и тужби против премиерот Ердоган за кршење на личните слободи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.