| четврток, 6 декември 2018 |

Виртуоз на виолина и бисерен глас

Нов аранжман на старите сакани македонски песни, отпеани во боите на етнокласиката, отсонувани во фолклорната нишка на музиката, почувствувани под прстите на Штраус и на Бетовен на еден нов, модерен, македонски начин...

Нивната заедничка приказна почна пред дваесетина години на сцената на Универзална сала. И тогаш, безвременскиот глас на Сузана Спасовска и мајсториите на виолина на маестро Зоран Џорлев ја станаа публиката на нозе, а аплаузот траеше повеќе минути.

Нивната изведба на „Параходот пристигна“ тогаш беше инспирацијата за сега, со уште повеќе искуство и жед да се остави нешто квалитетно зад себе, заедно да го направат албумот „Виолина и глас“.

 

Вашиот трет албум со преработки на стари македонски песни поминува исто толку добро кај публиката колку и претходните два. Традиционалната музика, посебно во рацете на виртуоз како Вас, гарантира успех. Размислувате ли четвртиот проект да содржи и некои Ваши новокомпонирани песни кои, сепак, ќе го негуваат духот на македонскиот мелос?
Џорлев: Првите два самостојни албума содржат преработки на македонски песни, и тоа, првиот на забавни, а вториот на народни. Мисла водилка на секој уметник е да продолжи да твори, да создава дела што ќе го најдат патот до публиката. И јас како уметник, како човек посветен на музиката, работам како изведувач, но и како автор на нови композиции. Во изминатите години беа испеани повеќе песни, чијшто автор на музиката сум јас, како што се песните во изведба на Душко Георгиевски, Кирчо Поп Лазаров, Нино Величковски и други, од кои некои се и наградени. Па, сепак, не завршува потребата од создавање нови композиции, кои може да бидат дел од тој четврти проект, кои, според мојата замисла, треба да носат белег на денешнината, а во исто време ќе наоѓаат своја основа во македонскиот мелос.

Во една пригода изјавивте дека Вие, музиката и виолината сте судбински поврзани. Ја имате привилегијата да го работите тоа што го сакате, но секогаш постојат нови цели. Што е следно за Вас?
Џорлев: Смислата на човековото постоење воопшто, па и смислата на битисувањето како уметник е да се постават пред себе нови цели, нови задачи и, секако, да се вложат напори за нивно постигнување.

Размислувањето за нови проекти е дел и од моето секојдневие, и покрај ангажираноста на повеќе работи, а кои се надевам дека ќе доживеат реализација кога ќе се создадат потребните услови за тоа. Последното што го работам е емисија на радиото „Слободна Македонија“, под наслов „Заечи песно македонска”, а следното нема да го откријам затоа што сакам да покажувам готови производи. Всушност, тоа на што се надевам дека наскоро ќе почнам со реализација не е зачеток, туку добро осмислен проект со конкретни идеи и концепт, но за тоа потоа.

Ретко кој знае дека сте страстен колекционер. Што сѐ содржи Вашата колекција?
Џорлев: И колекционерството е поврзано со мојата работа, со желбата за усовршување во работата. Пред сѐ, би ја споменал музичката литература што ја собирам од училишни денови и од секое место што го посетував се враќав со куфери преполни со ноти, книги, плочи и сл. Фотографијата, исто така, е моја пасија, задржувањето моменти од секојдневниот живот, од појавите и боите на природата и од сето тоа што нѐ опкружува. Просторот во кој живеам и работам сакам да го надополнам со колекција од предмети инспирирани од музиката, од музичките инструменти и, секако, од виолината.

Сузана е синоним за бисерен глас

– За мене Сузана Спасовски е човек што во животот вложил и вложува многу труд во тоа што го работи, неуморно и професионално, до степен што посветеноста станува начин на живот. Сузана е среќен човек затоа што има глас со кој луѓето ги прави среќни, глас што со задоволство се слуша и на чијашто изведба никој не може да остане рамнодушен. Со еден збор, Сузана е синоним за тоа што се нарекува бисерен глас – вели Џорлев за Спасовска.

Spasovska-Dzorlev-rep80-2

Невозможно е да се зборува за историјата на македонската музика, а да не се спомене Вашето име. Зад себе оставивте многу, но не престанувате. По албумот со Џорлев, што е следно за Вас?
Спасовска: Во овој момент размислувам за тоа што е актуелно и свежо, а тоа е проектот „Виолина и глас“. Бидејќи аудиоизданието и концертот имаа многу позитивни критики од страна на новинари, колеги, странски амбасади (Кина,Франција…), стручни музички имиња и воопшто од љубители на традиционалната македонска песна, ќе бидам пресреќна ако успееме овој проект да го пласираме и надвор од Македонија и ако имаме богата концертна сезона. Паралелно со афирмација и со промоција на овој проект, тука се и концертите со националниот ансамбл „Танец“, потоа ангажманите околу „Лешочки фолк-фестивал“, кој и оваа година ќе се одржи на 27 август во Лешочкиот манастир, планови за нов проект, кој ќе се движи во овој правец, наречен етнокласика… итн.

Од неодамна сте вработена во „Танец“. Како би го опишале тоа искуство?
Спасовска: Луѓето во „Танец“ ги чувствувам како свое семејство со години наназад. Заедничките турнеи, концертни настапи, дружењето со колегите, љубовта кон македонската традиционална песна, изворот, сето тоа придонесе да се почитуваме и да се сплотиме во едно. Бидејќи ги исполнував сите услови што се бараа на конкурсот за работното место пејач-солист првенец, сега сум официјално во „Танец“ и сум многу среќна бидејќи „Танец“ е нашиот најголем музички амбасадор, а јас сум дел од него. Зар тоа не е сон на секој уметник?

Искусивте еден, навис­тина, златен период за фолк-музиката во Македонија. Сметате ли дека доаѓаат подобри времиња?
Спасовска: Мојот пат дотука воопшто не беше лесен, скалило по скалило, секој настап беше ново докажување, нови стресни состојби, многу вложувања, психички, физички, финансиски, но кога ќе влезете во таа машина нема застанување, нема одмор. Тој што работи има своја цел и, пред сѐ, квалитет, ќе успее и ќе ја постигне целта, а за мене целта е уметник. Точно е дека секој почнува од некаде, но потоа треба да се стреми кон својата цел и лека-полека да стигне до неа. Мојата душа отсекогаш ги сакаше уметничките композиции, но сите велеа дека не се живее од уметност, па така и јас пеев комерцијални песни од кои повеќето станаа хитови, народот ги сака и ги пее. Многупати досега го менував стилот на песните, стилот на облекување, снимав и пеев песни за сечиј вкус, од најлесни ноти до најтешки композиции. Секогаш сакам да сум поинаква, не сакам таканаречена златна средина, сакам да сум најдобра во тоа што го работам. Моето мото е работа, работа и само работа. Тој што работи, секое време му е добро, посебно ако ужива во работата и оди по својот пат и нема време да гледа што се случува наоколу и да живее туѓи животи.

Зоран е, пред сѐ, човек

– Денес сме горди на проектот што го издаде „СТ продукција“ и среќни сме што во екипата ни се придружи и Сашо Ливрински и ги направи вонсериските аранжмани и младите „Фор стрингс“, кои покажаа дека младите луѓе имаат енергија и вештина да се соочат и со ваков напорен проект. Зоран е вистински професионалец, уметник, виртуоз на својата виолина, неуморен ,голем вљубеник во македонската музика, добар пријател, колега, човек – раскажува Спасовска за својот колега.

(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top