Привремениот директор на украинската државна телевизија бил присилен да поднесе оставка откако десничарските застапници насилно влегле во неговата канцеларија и почнале да го тепаат.
Група бесни политичари, членови на ултрадесната партија „Слобода“, насилно влегле во канцеларијата на Александар Пантелејмонов лути поради неговата одлука да ја пренесува свеченоста од Кремљ, на која рускиот претседател Владимир Путин свечено го потпишува договорот со кој Крим и официјално е припоен кон Русија.
Почнале да го удираат по главата и да викаат сѐ додека привремениот директор не се согласил да се откаже од позицијата шеф на државната телевизија. Го навредувале и го обвинувале дека е руски платеник. Целиот напад го снимале, а потоа самите го ставиле на интернет.
– Потпиши ја оставката. Седни! Ти реков да седнеш, грмел на Пантелејмонов еден од бесните десничари.
– Еве ти хартија, пенкало… Ајде, брзо потпиши ја оставката, животно едно. Ти си руско ѓубре! – го навредувал директорот, на што тој одговорил:
– Jас не сум Русин, јас сум Украинец.
Добил уште полут одговор.
– Ти си Украинец? Tи си ѓубре! Работиш за Москва и им продаваш лаги на Украинците со нашите пари, беснееле десничарите.
Меѓу насилниците бил и Игор Мирошченко, член на парламентарниот одбор за слобода на говор. По нападот на новинарите им рекол дека според него не направил ништо лошо, но се согласил да има истрага.
Пантелејмонов е шеф на телевизијата „Прв канал“, која во време на владеењето на Јанукович беше обвинета за цензура и пристрасно новинарство, а партијата „Слобода“ е една од петте најголеми партии во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


