
Проектот за бањско- климатска рекреација на пензионерите продолжува. 5.500 пензионери оваа година бесплатно ќе ги користат услугите. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денеска ги посети пензионерите во Катлановската бања. Посетата ја искористи да поразговара со нив, да ги слушне нивните размислувања дали се задоволни од проектот, како и да руча заедно со нив.
-Оваа година планираме да опфатиме бројка од околу 5.500 пензионери, кои ќе ја искористат оваа бесплатна услуга, која се состои од 6 полни пансиони, бесплатен превоз, здравствени прегледи и бањски третмани. Мене ми е особено важно што пензионерите кои до сега ја користеа оваа услуга и пензионерите со кои денеска остварив средба, се навистина задоволни од реализацијата на овој проект и од условите кои ги нудат бањите во Македонија за нив, истакна ресорниот министер.
Спасов најави дека вакви слични проекти со кои се подобрува социјалниот живот и здравјето на пензионерите ќе продолжат да се реализираат.
-Верувам дека заедно со зголемувањето на пензиите, кое што е значително и е направено изминатите години и ваквите проекти придонесуваат за подобрување на стандардот на пензионерите во Република Македонија, додаде Спасов.
Пензионерите кои се сместени во Катлановска бања посочија дека се задоволни од условите, некои од нив никогаш не можеле да си дозволат да посетат некоја бања. Изразија надеж дека проектот ќе продолжи и во иднина и оти уште поголем број од нив ќе можат да ја искористат оваа бесплатна услуга.
Изминатите години, со овој проект беа опфатени над 22 илјади пензионери, а истиот во континуитет ќе продолжи и наредните години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


